„Она што очекував дека ќе се случи – се случува. Ќе потпишеме заедничка декларација Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Австрија за изградба на железнички коридор 10“, порача министерот за транспорт од Министерскиот совет на Транспортната заедница
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски најави дека Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија ќе потпишат Договор за брза пруга на Коридорот 10, со кој земјите ќе се обврзат да воспостават брз транспорт. Тој ова го најави по средбите во Брисел со претставници на ЕУ и министрите за транспорт од регионот.

„Она што очекував дека ќе се случи – се случува. Ќе потпишеме заедничка декларација Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Австрија за изградба на железнички коридор 10, нешто што беше подготвено од минатата година, но за жал заради несреќата во Нови Сад беше одложено. Тоа е многу значајно за нас бидејќи нема поента да потрошиме над две милијарди евра, а другите држави да не градат“,
порача Николоски од Брисел.
Во оваа насока, министерот за транспорт најави дека Грција ќе се обврзе да го заврши делот од над Солун до Гевгелија, ќе ја заврши сигнализацијата до Гевгелија, а потоа ќе почне да работи на двоколосечна пруга.
„Тоа значи дека едноколосечната пруга веќе до јануари ќе биде со брзина до 120 километри на час за карго, што значи дека возовите многу побрзо ќе одат до солунското и атинското пристаниште. Понатаму, ќе треба да ја работат и втората линија која треба да биде патничка и горе-долу ќе се поклопи до 2030 година – период кога и ние ќе ги завршиме двете линии, додека првата карго линија ќе биде готова 2028 година“,
додаде министерот за транспорт.
Србија, пак, како што рече Николоски, треба да го изгради делот што недостасува од границата до Ниш. Додаде дека делницата Белград-Будимпешта е готова и се става во функција, а делницата Будимпешта-Виена веќе функционира како брза пруга, што како што рече Николоски, е во прилог за Коридорот 10.
„Исто так, на иницијатива на Австија ќе потпишеме и договор за Коридор 8, за Албанија да се обврзе да гради затоа што нема поента ние и Бугарија да трошиме средства, а Албанија да не го прави истото, бидејќи треба да се поврземе од Драч до Црното море”,
рече Николоски.
Министерот за транспорт ова го изјави од Брисел каде што учествува на Министерски совет кој е во организација на Секретаријатот на Транспортната заедница. На состанокот се разговара за напредокот на земјите од Западниот Балкан во делот на транспортната политика и реализација на инфраструктурните проекти.
