Вицепремиерот ја критикуваше опозицијата за постојаното барање предвремени избори, оценувајќи дека тоа укажува оти ги интересираат само привилегиите и, како што рече, криминалот од власта

По завршување на локалните избори нема да се одржат предвремени парламентарни избори, најави денеска од Гостивар вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Тој истакна дека коалициската влада е стабилна и одлично функционира, а нејзиниот мандат ќе трае до редовните парламентарни избори во 2028 година.
„Предвремени избори ќе нема, имаме стабилна коалициска влада, која функционира одлично“,
нагласи Николоски.
Николоски најави дека главниот фокус на Владата по изборите ќе биде ставен на, како што рече, „расчистување во судството и обвинителството“ и на воспоставување одговорност за сите кои ја злоупотребиле власта од, како што ја нарече, „црната коалиција на СДСМ, ДУИ и Левица“.
„Тоа е фокус број еден по завршување на изборите“,
додаде тој.
Тој вели дека има разлика помеѓу актуелната влада, која зборува за многубројни проекти, и опозицијата, која има само „празни зборови, манипулација и постојана жед и желба за власт“.
Вицепремиерот ја критикуваше опозицијата за постојаното барање предвремени избори, оценувајќи дека тоа укажува дека ги интересираат само привилегиите и, како што рече, криминалот од власта.
„Минатата година отидоа во опозиција, само една година и три месеци се поминати откако се во опозиција и не можат да додржат да останат во опозиција и цело време – предвремени избори, предвремени избори. Кога некој толку многу бара предвремени избори тоа значи дека него го интересираат само привилегиите од власта, а овие ги интересира и криминалот од власта“,
истакна Николоски.
Тој нагласи дека нема да се занимаваат со предвремени избори, туку со остварување на најавеното расчистување во правосудството.
Пред два дена премиерот Христијан Мицкоски рече дека ги разбира политичките партии кои освен поделби и националистички испади немаат друга програма, па единствена работа што можат да ја направат е да повикуваат на предвремени избори, но тој потврди дека оваа влада има полн легитимитет и тоа го поврза со ревидираниот бруто-домашен производ (БДП) за 2024 година од три проценти, за кој рече дека е еден од најголемите во Европа.
Премиерот смета дека е жално позитивните економски индикатори да се прекинат со предвремени избори.