Вицепремиерот и министер за транспорт рече оти Европската унија ќе обезбеди грант од 5,3 милиони евра за изработка на физибилити студија
Пругата од Скопје до Кичево целосно ќе се реконструира, а според предвиденото, изградбата би требало да заврши за две до две и пол години, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешната прес-конференција во Владата.

Тој рече оти со овој зафат, ќе се овозможи поврзување на главниот град со неколку градови во западниот дел од земјата, а линијата ќе се гради по веќе постоечката траса, што пак всушност значи дека државата нема да има дополнителни трошоци за експропријација, или пак имотно-правни проблеми, кои најчесто ја забавуваат динамиката на работа.
„Прво ќе ја реконструираме пругата, потоа ќе поставиме современа сигнализација и ќе ја електрифицираме. Дури и да беше во добра состојба, на оваа линија ќе сообраќаа само дизел локомотиви“,
кажа Николоски.
За почеток, Европската унија ќе обезбеди грант од 5,3 милиони евра за изработка на физибилити студија, а водечка финансиска институција ќе биде Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ќе избере консултант. По завршување на студијата ќе се премине во втората фаза – работа на терен. Николоски рече дека пругата сега е во крајно лоша состојба и во моментот е невозможно по неа да се движат возови. Според него, од завршувањето на студијата ќе бидат потребни околу две до две и пол години за целосна реконструкција.
„Изградбата ќе трае околу две до 2,5 години и ќе започне веднаш по завршувањето на процедурите на ЕБОР. „Пругата ќе биде целосно нова, но благодарение на тоа што ја користиме постојната траса, избегнуваме дополнителни застои и трошоци“,
изјави министерот за транспорт.
Николоски кажа и дека индикативната цена барем според првичните калкулации би чинела околу 4 милиони евра по километар и оти ќе ги искористат сите можности за обезбедување поволно финансирање, како што тоа го правиат и со брзата пруга и пругата кон Бугарија.