Процесот на експропријација на земјиштето на оваа делница е реализиран околу 90 отсто, а за проектот досега од државниот буџет се исплатени околу 470 милиони евра
Изградбата на автопатската делница Гостивар – Букојчани се одвива со силна динамика, а очекувањата се дека таа ќе биде пуштена во употреба до крајот на 2029 година, рече вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски, директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, вршителот на должност во Амбасадата на САД, Никол Варнс, и останати владини претставници денеска извршија увид во градежните работи долж делницата од Коридорот 8.

Делницата Гостивар – Букојчани е таканаречената „Секција 2“ и е клучен сегмент од западното крило на Коридорот 8, а согласно плановите, оваа траса треба да се надоврзе на автопатот Тетово – Гостивар од северната страна, додека од јужната ќе се поврзе со идната делница Букојчани – Кичево. Со тоа треба да се овозможи целосно автопатско поврзување кон Охрид и Струга. Според Николоски, државата навремено ги сервисира своите обврски, а процесот на експропријација на земјиштето на оваа делница е реализиран околу 90 отсто, а воедно информираше дека за проектот досега од државниот буџет се исплатени околу 470 милиони евра.
“Она што ми е драго е тоа што градежништвото расте. Во третиот квартал минатата година растот беше 21 отсто, што не е запаметено во независна Македонија. Обврските што ги имаше државата се веќе завршени, целата логистика е обезбедена и останува на компаниите да си ја завршат работата“,
рече Николоски.

Николоски потенцираше дека на трасата се градат сериозни инфраструктурни објекти, посочувајќи мост со висина од 40 метри. Ова, според него, покрај економското значење, претставува и одлична можност за практична едукација и теренска настава за студентите од Градежниот и Архитектонскиот факултет.
