За да нема забуни, како што рече министерот за транспорт, контролите се прават на лиценците во делот на потребниот број вработени, а во делот на квалитет на изведување и навремено извршување постојат соодветни надзори кои ги контролираат градбите
На 479 фирми од областа на градежништвото и урбанизмот ќе им бидат одземени лиценците за работа бидејќи по нивното издавање престанале да ги исполнуваат законските услови врз основа на кои биле издадени.

За ова денеска информираше министерот за транспорт Александар Николоски, кој соопшти дека досега се извршени контроли на над 3 100 лиценци и дозволи за работа во делот на градежништвото и урбанизмот.
„За да не настане забуна, контролите се прават на лиценците во делот на потребниот број на вработени, а во делот на квалитет на изведување и во делот на квалитет на навремено извршување постојат соодветни надзори кои ги контролираат градбите”,
изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Поради констатираните неправилности, Министерството за транспорт донесе решение за одземање:
- на 73 правни лица лиценца А за изведувач на градби од прва категорија;
- на 228 правни лица лиценца Б за изведувач на градби од втора категорија;
- на 9 правни лица лиценца А за надзор над изградбата на градби од прва категорија;
- на 32 правни лица лиценца Б за надзор над изградбата на градби од втора категорија;
- на 32 правни лица лиценца А за проектирање на градби од прва категорија;
- на 78 правни лица лиценца Б за проектирање на градби од втора категорија;
- на 7 правни лица лиценца Б за ревизија на проектна документација на градби од втора категорија;
- на 3 правни лица лиценца А ревизија на проектна документација на градби од прва категорија;
- на 2 правни лица лиценца за управител за одржување на објекти од прва и втора категорија;
- на 2 правни лица лиценца управител на градба;
- на 13 правни лица лиценца за изработка на урбанистички планови.
Списокот ќе биде доставен до МВР, Јавното обвинителство, ЗЕЛС и останатите засегнати институции.
Дополнително, министерот за транспорт најави дека ќе се иницираат законски измени за ваквите контроли да бидат обврзни на секои шест месеци, а не како досега на доброволна основа.
„Целта не е да казнуваме туку компаниите кои доброволно се согласиле на условите што ги предвидува законот, доброволно да ги исполнуваат затоа што феноменот е дека во моментот на поднесување на барањето ги исполнуваат, а потоа престануваат да ги исполуваaт тие услови“,
додава Николоски.
Контролите, како што рече, ќе продолжат и во следниот период.