Имаме проект кој што се вика испитување на капиталот и богатството на сите политичари и јавни личности во изминатите 30 години, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на денешниот митинг во општина Новаци.
Николоски го повика лидерот на СДСМ Зоран Заев да каже дали е во можност да го докаже потеклото на неговиот личен капитал и на неговото семејство.
„Трет ден го повикувам Зоран Заев ќе го повикам и одовде да каже дали е во можност да го докаже потеклото на неговиот личен капитал и богатство и потеклото на богатство на неговото семејство кое што во 18 години колку што е Заев вкупно на функција, стана најбогато семејство на Балканот“,
порача Николовски.
Николоски меѓудругото, вети и отворање на мали и средни претпријатија кои ќе вршат откуп на земјоделските производи.
„Во нашата програма ветуваме дека на располагање ќе се стават околу 1 милијарда и 200 милиони денари за таканаречени риволвиг бескаматни кредити односно обновливи кредити за сите оние кои што ќе ги подигнуваат со цел да можете вие, можеби вашите деца, можеби некој што има интерес да отвори откупен центар. Овие средства треба да овозможат загарантирана откупна цена, навреме исплата на средствата и достоинство за секој еден од вас. Тоа го ветуваме тоа ќе го реализираме. Понатаму 50 проценти поддршка за купување на механизација, како и за подигнување на нови насади и за возобновување на веќе постојните насади. Силна битка со зелената мафија во делот на продажба на расад и на ѓубрива“,
порача Николовски.