Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека тие се во самоизолација поради контакти со потпретседателот на СДСМ
Директорот на АР го демантира и вели дека имал средба со првиот човек на Финансиската полиција
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за Канал 5 вечерва ја обвини владејачката партија дека во време на здравствена криза влегла во предвремена изборна кампања во која се вклучени дирејктори на институции кои според описот на своите работни задачи не смеат да бидат во партиска функција.
Тука тој ги поосочи директорот на финансиската полиција и директорот на Агенција за разузнавање кои како шо рече се во самоизолација и ги поврза со контакти со врвот на СДСМ, односно со потпретседателот на партијата Мухамед Зекири кој објави дека е заболен со ковид-19.
„Предвремената кампања на СДСМ резултираше со околу 200 лица од УЈП во самоизолација, поради тоа што директорката е заболена од коронавирус. И преку 80-тина од врвот на СДСМ се во самоизолација. И од тоа може да се постават и добри политички прашања како на пример, дел од луѓето кои што се во самоизолација се луѓе кои по опис на своите работни задачи не смеат да бидат во партиска функција како што е директор на финансиска полиција или директор на Агенција за разузнавање. Тие треба да се независни институции. Едната е дури под потпретседателот, која што не смее да биде под партиска координација, но гледаме дека биле во партиска координација“,
рече Николоски.
Според него, кога ќе се надмине ситуацијата со коронавирусот треба да се отвори прашањето како е возможно вакви независни институции кои што се занимаваат со безбедносни прашања да бидат координирани од политички центар односно од потпретседателот на владејачката партија СДСМ.
Веднаш по оваа негова изјава, реагираа од Агенцијата за разузнавање од каде побараа Николоски да ја повлече изјавата бидејќи е невистинита.
„Директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу не бил на партиски состанок во СДСМ, и е во самоизолација поради приватна кратка средба со пратеникот Мухамед Зекири која се случила на 30.05.2020 година“,
се вели во реакцијата од Агенцијата за разузнавање, од каде се потенцира дека Муслиу не е член на ниту една политичка партија.
Одлуката за самоизолација, се вели во реакцијата е одлука на Муслиу за да избегне и најмала можност за инфекција, бидејќи раководи со институција во која има многу вработени.
