Апелацискиот суд одлучи на експремиерот Никола Груевски и понатаму да му се суди за случајот „Траекторија“. Пресудата на повисокиот суд доаѓа откако пред еден месец судијата од Кривичниот суд, Горан Бошевски, констатира дека делото за Груевски во овој предмет е застарено.

Образложението на Апелација е дека судијата не можел да донесе вакво решение, туку тоа требало да се стори со пресуда со која ќе се одбие обвинението доколку има апсолутна застареност. Или, со други зборови, повисокиот суд смета дека основниот суд направил формален пропуст.
Во „Траекторија“ се обвинети и ексвицепремиерот, Владимир Пешевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, како и ексдиректорот на ЈП „Државни патишта“, Љупчо Георгиевски. Се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Според обвинението, тие со повеќе дејствија во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155 милиони евра.