Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, во колумна за „Дојче Веле“ пишува дека утре во Брисел, со првата Меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија ќе видиме една убава симболична фотографија, ама, според него, за неа нема да можеме да ја платиме цената.
„Утре, Македонија во Брисел ќе ја подотвори првата страница од книгата наречена пристапни преговори со ЕУ. Меѓутоа, како кога при вртење страница некој ќе нè прекине па остануваме со раката во воздух, тука ќе застанеме и ние. За да ги до-отвориме преговорите, за да го свртиме првиот лист до крај, треба да ги внесеме Бугарите во Уставот. Затоа, првиот успех според владата, преговорите да почнат сега, е обичен фолклор, шанса за слики и видео клипови за да им се помогне политички дома. Владата утре ќе каже, ‘ги отворивме преговорите’ и тоа нема да биде точно. Ако биде искрена, ќе каже ‘почнавме да ги отвораме преговорите’. За жал, вакво отворање на процесот во два чекори се случува за првпат во историјата на ЕУ“,
смета Димитров.
Според него, Софија успеала да ги добие своите барања. Вели дека преговорите нема да може да се отворат до крај пред да се смени Уставот, како и дека целиот притисок и вина, со амин на Владата во Скопје, ќе се сврти врз Македонија, односно врз пратениците во Собранието.
„Добро е што владата ја задржала последната црвена линија за македонскиот јазик, бидејќи во минатото и за ова имаше падни стани. Меѓутоа, таа придобивка е базична, и веќе обезбедена меѓу другото и преку Преспанскиот договор. Не може сега повторно со истата придобивка да се бранат други и тоа за жал неодбранливи отстапки кон Бугарија, која за разлика од Грција не разбира дека ниту треба да признава ниту да негира, туку едноставно има цивилизациска должност да го прифати нашето право на самоопределување и самоизјаснување. За потпишувањето на договорот со ЕУ за Фронтекс на македонски јазик немаше проблем ниту една друга земја членка освен Бугарија. Софија сега ова ќе го дозволи, врз основа на својата срамна, примитивна, непријателска и антиевропска декларација дека не го признава постоењето на македонскиот јазик“,
смета Димитров.
Целата колумна може да ја прочитате овде.
Првата меѓувладина конференција следува откако во саботата Собранието ги изгласа заклучоците за францускиот предлог, а владата потоа одлучи истиот да го прифати. По прифаќањето, вчера се случи и потпишување на билатералниот протокол помеѓу Скопје и Софија.
Од Владата попладнево официјално ја објавија агендата за утре нагласувајќи дека меѓувладината конференција е од историско значење, бидејќи со неа се означува отпочнување на преговорите за полноправно членство на земјава во ЕУ.
