Освен за уставните измени односно евроинтеграциите, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се зборувало и за актуелната политичка состојба за што Мицкоски потенцирал дека актуелната власт секојдневно се соочува со нов корупциски скандал

Никој од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени бидејќи ова не е последното парање од Бугарија. Билатералните односи не смеат да бидат дел од преговорите за членство на земјава во ЕУ.
Ова се дел од пораките, кои според соопштението од опозициската партија, лидерот Христијан Мицкоски му ги пренел на новиот амбасадор на Австрија во Северна Македонија Мартин Памер, кој во земјава пристигна на почетокот на месецов.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Мицкоски на средбата посочил дека уставните измени власта ги тера на сила и покрај тоа што „80 проценти од граѓаните не се согласуваат“.
„Беше посочено дека бидејќи власта на СДСМ и ДУИ, нема двотретинско мнозинство не ги става уставните измени на гласање и со тоа ги прекршува законските процедури и директно го крши Деловникот за работа на македонскиот парламент“,
пишува во партиското соопштение.

Освен за уставните измени односно евроинтеграциите, од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се зборувало и за актуелната политичка состојба за што Мицкоски потенцирал дека актуелната власт секојдневно се соочува со нов корупциски скандал.
„Од страна на претседателот Мицкоски беше истакнато дека владата на СДСМ и ДУИ на дневна основа се соочува со некој нов коруптивен скандал во кои се вмешани првите владини функционери, додека стандардот и домашниот буџет на граѓаните опаѓа. И токму поради тоа се потреби брзи предвремени избори на кои народот ќе одлучи во каква држава сака да живее“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
На средбата со Памер, покрај Мицкоски присуствувал и потпретседателот на партијата и пратеник во Собранието, Александар Николоски.
