Сознанијата на „360 степени“ велат дека министрите во текот на денешната владина седница не биле свесни за условите од Статутот на М-НАВ и дека никој не алармирал за тоа ниту од стручните владини служби
„360 степени“ и лично го побара Илир Мехмеди за да го праша дали ги исполнува условите од Статутот на М-НАВ. На конкретното прашање дали поседува валидна дозвола на надзорен контролор на летање, тој беше неодреден во одговорот, со образложение дека ништо сè уште не е официјално
Информацијата од Владата дека на денешната седница во пакет со препораката за разрешување на двајца од тројцата членови на Управниот одбор на М-НАВ се утврдени и предлози за нивни наследници, отвори дилема за тоа дали едниот од нив ги исполнува условите да стане дел од раководството на акционерското друштво.
Станува збор за Илир Мехмеди, кого Владата го предлага на местото на Фахрудин Хамиди, претседател на Управниот одбор на М-НАВ и извршен директор за воздухопловна навигација.
Статутот на АД во државна сопственост М-НАВ, во член 17, предвидува:
„Еден од членовите на Управниот одбор ја води, организира и е одговорен за давање на услуги во воздухопловната навигација и носи назив – извршен директор за воздухопловната навигација. Членот се избира од редовите на вработените и мора да има стручни знаења, способности и искуство во организирање и водење на дејноста на Друштвото, да поседува валидна дозвола на надзорен контролор на летање и најмалку шестгодишно работно искуство како надзорен контролор на летање“.
Дилемата е дали Мехмеди ги исполнува овие услови, особено дали поседува „валидна дозвола на надзорен контролор на летање“. Изворите што ги консултираше „360 степени“ велат дека Мехмеди во минатото имал дозвола, но за помошник-контролор на летање, а дека во меѓувреме најверојатно ја загубил и неа. Ако тоа е точно, тогаш тој не може да биде именуван за член на Управниот одбор на М-НАВ и директор за воздухопловна навигација.
Илир Мехмеди не кажува дали има валидна дозвола
„360 степени“ и лично го побара Илир Мехмеди за да го праша дали ги исполнува условите од Статутот на М-НАВ.
На конкретното прашање дали поседува валидна дозвола на надзорен контролор на летање, тој беше неодреден во одговорот, со образложение дека ништо сè уште не е официјално.
Нашите сознанија велат дека министрите на денешната седница не биле свесни за оваа ограничувачка околност и дека никој не алармирал за тоа ниту од стручните владини служби.
Како што е веќе познато, Владата на денешната седница даде препорака до Надзорниот одбор на М-НАВ за разрешување на претседателот на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна навигација Фахрудин Хамиди, како и на еден од членовите на Управниот одбор и извршен директор за воздухопловна техника Љубе Стаменковски.
Владата предлага на местото на Хамиди да биде назначен Илир Мехмеди, а Милан Кораќ, според предлогот на Владата, треба да го замени Љубе Стаменковски.