Наспроти подготвеноста на Заев за пролонгирање на пописот за еден до два месеци, Мицкоски сега бара операцијата да се остави за следната (2022) година – откако ќе завршат локалните избори
Претседателот и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесоа денеска во ДИК иницијативата за собирање потписи за поништување на Законот за попис
Премиерот Зоран Заев денеска не го отфрли предлогот на претседателот Стево Пендаровски за одложување на пописот за мај или јуни и оцени дека сѐ е вредно за размислување. Сепак, тој посочи дека можниот нов термин што го спомна Пендаровски не е прифатлив за опозицијата, која ја повика на одговорност за да се реализира статистичката операција.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ денеска и формално ја почна иницијативата за евентуално поништување на Законот за попис, преку предлог-закон што би бил поднесен до Собранието со поддршка од најмалку 10 илјади избирачи. Освен тоа, партискиот лидер Христијан Мицкоски повика на одложување на пописот за една година.
Наспроти премиерот, кој смета дека пописот треба да се спроведе пред есенските локални избори, првиот опозиционер е за тоа изборите да му претходат на пописот, односно операцијата да се реализира в година.
„Налето знаеме дека попис не се спроведува. Септември е кампања, октомври е изборен период за локалните избори. И да размислиме за месец дена, месец и пол, да завршиме некаде до средината на јуни, веќе гледам дека опозицијата тоа го одби, така што, да ја испратам пораката да бидеме одговорни и да го спроведеме пописот“,
рече Заев коментирајќи за предлогот што вчера го презентираше шефот на државата.
Заев денеска повторно апелираше до опозицијата да се вклучи во активностите за спроведување на пописот.
„Последиците од какви било девијантни појави што може да се јават преку неодговорно однесување може да бидат непоправливи“,
рече Заев коментирајќи за тоа дали, сепак, е можен консензус меѓу власта и опозицијата за пописот.
Премиерот рече дека електронски попис не дава одговор на постоење на информации во базите на податоци за верска определба, за етничка определба, за податоци за нашите граѓани од дијаспората односно нерезидентни сите тие што се повеќе од една година надвор од државата, како што е вкупен број на семејството и други податоци, рече Заев.
„Дел од базите што се неопходни за оваа статистичка операција се присутни во државата и ги имаме. Дел електронските бази ќе се користат за споредба на теренските проверки што ќе ги правиме за да може да се споредат. За дел не постојат никакви бази како што напоменав неколку информации и ќе мора теренски да се спроведат. Секако, тоа ќе биде согласно сите здравствени протоколи. Најмалку што можеме да направиме за земјава во поглед на ова прашање е сите да бидеме одговорни“,
рече Заев.
Наспроти апелите на Заев, Мицкоски денеска, придружуван од генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, ја достави до Државната изборна комисија иницијативата за собирање потписи за укинување на Законот за попис. Тој, исто така, предложи пописот да биде електронски или да се одложи до пролетта следната година.
„Формално ја почнуваме иницијативата со која ќе побараме да се укине Законот за попис што беше донесен без консензус и без елементарно почитување на здравјето на граѓаните во услови на тешка пандемија“,
изјави МИцкоски пред зградата во која е сместена ДИК.
Тој нагласи дека голем број држави од регионот се одлучија да го одложат пописот за наесен или напролет 2022 година, водејќи сметка и грижејќи се за здравјето на граѓаните.
„Македонија е закована убедливо на дното или на врвот, по бројот на лицата што се инфицирани и по бројот на луѓето кои, за жал, го загубија животот поради неспособноста на власта за справување со ковид-19. Бидејќи кај нас пописот е невозможно да се случи наесен 2021 година поради локалните избори и кампањата што тогаш ќе се случува, апелираме до Владата и до Собранието на разум, да се грижат за здравјето на граѓаните и да го одложат пописот за пролета 2022 година“,
рече Мицкоски.
Тој посочи дека ништо нема да промени доколку пописот биде одложен за неколку месеци.
„Гледаме дека воопшто не се ни направени пописните тимови ниту, пак, обучувачите на пописните тимови, а имајќи ги предвид пандемиските услови во кои се наоѓа државата, невозможно е да бидат обучени, а притоа да биде заштитено нивното здравје. Немаме вакцини со што би ги заштитиле тие луѓе, слушаме дека првите вакцини евентуално би пристигнале во државата во скромна количина некаде на почетокот на март“,
посочи Мицкоски и апелираше до Владата и до парламентот да го прифатат предлогот на опозицијата за електронски попис.