Инфраструктурните проекти не смее да се реализираат за сметка на човековите и работничките права и треба да се случат во транспарентна и отчетна процедура – порачаа Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници и Снежана Камиловска Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, во која се дебатираше за проблематичните аспекти во проектот за изградба на автопати со „Бехтел и Енка“.

„Искрено, сите сакаме да видиме дека одиме напред, да се реализираат проекти што се од наше значење, меѓутоа не по цена на владеење на право и не по цена на повреда на човекови и работнички права. Сигурно има начин што можеме да го најдеме доколку се даде простор да се сработат законите онака како што треба за сите страни да бидат задоволни. Mеѓутоа, пораката е таа – не по цена на владеење на право и не по цена на човековите права“.
рече Атанасова.
За Камиловска Трповска нејасно е зошто се повторуваат грешките од минатото.
„Тоа што треба да се констатира тука е дека не станува збор за тоа дека некој е против некого и нешто, напротив, треба да сфатиме дека заеднички сме на ставот дека треба да се креираат инфраструктурни проекти, капитални инвестиции кои ќе значат подобра иднина. Нам ни е јасно и го очекувавме ова градење автопати години и години наназад, ова е нешто што е барано и од јавноста, но важно е како ќе се тераат процесите. Ако процесите не се транспарентни, не се отчетни, доведуваат во поповолна положба одредени правни субјекти без разлика што праксата покажува и што барањата на тој правен субјект биле такви, ризици од корупција постојат. Дополнително, зошто повторно се одлучи, имајќи го претходното искуството, да се прават договори, на некој начин, во четири очи. При постоење правна регулатива што е добро ценета од меѓународната заедница, конкретно Законот за јавни набавки, кој е правен во соработка со меѓународната заедница и се покажал како успешен во минатото“,
рече Камиловска Трповска.