На крајот на 2017 година, државниот Фонд за иновации и технолошки развој објави повик за финансирање проекти за намалување на загадувањето на воздухот во урбаните средини. Се пријавија 30, а помош од државата на крајот добија пет фирми.
„Следната година, да кажеме ова време, јас очекуваме дека ќе имаме едно, две, три решенија, можеби повеќе, коишто ќе може да ги ставаме во практика и да даваат придонес во она што сите не загрижува деновиве, а тоа e загадениот воздух“, рече тогаш Јован Деспотовски- Директор на Фондот за иноваци и технолошки развој.
Едната година помина, но за ниту едно од решенијата јавноста не слушна дека е во употреба. Директорот на Фондот сега вели дека нема значително доцнење и проектот оди според замислите.
„… Имаме пет сосема солидни решенија, сите веќе во финална фаза на изработка како што и кажав дел од нив веќе се тестираат во реална средина. 2019 година ќе ја посветиме на дел од тие решенија реално да премине во практика“, вели Деспотовски.
За што точно Владата инвестираше 140,000 евра од буџетот и кога јавноста ќе ги види домашните иновациите на терен – против загадениот воздух.
Само една од вкупно петте поддржани фирми што добија државни пари за развој на решенија за почист воздух има готов производ, но и тој чека да биде ставен во употреба. Тоа е заклучокот од првата јавна презентација на достигнувањата на субвенционираните компании, која минатата недела се одржа во Тетово.
Готовиот производ е дело на „Технобен“ од Прилеп. Со државната помош од 31.000 евра успеале да направат филтер што го намалува загадувањето одфабриките. Изумот чека и практична проверка, бидејќи веќе е инсталиран во фабрика во Битола, која наскоро треба да почне со работа.
„Нашите лабораторски испитување кои ги направивме покажаа одлични резултати. Значи ние имавме некаде од 93 до 97 отсто пречистување на цврсти честички на гасовите кои ги створивме во лабораторски услови. После загревање на прочистените гасови пред да ги испуштиме во атмосферата тоа е од причина што тие да можат да одат повисоко во атмосферата затоа и се загреваат за да не паѓаат локално тука во околината“, вели Менде Велевски-Технобен.
Проектите на сите останати компании се во развој. Сепак, ниту една не се појави во Тетово со „празни“ раце. „Еко Солар“ од Штип покажа соларен колектор што загрева воздух. Развиен е со околу 28.000 евра кои ги добиле од државниот буџет, но се уште не е блиску до употреба.
„Пред вас имате колектор кој е хибриден, меѓутоа сме во прототип фаза и го разработуваме процесот на ротирање на ќелиите. Што сакаме сега да прикажеме – дека доколку симулираме сончево зрачење доаѓа до работа на вентилаторот и внатре фактички се вшмукува топол воздух, значи од долу влегува ладен воздух со помош на обсерверот се загрева и внатре влегува топол воздух. Очекуваме дека кога ќе го решиме и процесот со ротација на ќелиите, дека можеби резултатите ќе бидат подобри“, вели Стефан Трајков-Еко Солар.
Компанијата „Бизифај“, со добиените 30.000 евра, се пофали со изум на врзивно средство, кое може да се прска на различни површини со цел да ја сузбие прашината. Развиено и испитано во повеќе домашни лаборатории, чека развој на производен процес.
„Ова е најлошиот пример што можевме да го избереме. Повеќе од 100 килограми пепел и почва од пристапни патишта од РЕК Битола земавме и тестиравме на неа. Ова не ги отворил бидејќи е толку ситно, ПМ честичките се под 1, што не се ни мерат. Ова е дел од крајниот резултат. Значи, вака изгледа истата пепел, откако се третира со врзивното средство. (дува) Нема ништо. Така што, ПМ честичките се спречени, но од друга страна, на ова дури може да се гради над него, да се стабилизира. Да се врати на пример копот во РЕК, како што некогаш требало да биде“, вели Никола Дамчевски- Бизифај.
Една од компаниите, „Технолоџи парк“ од Тетово, добила 24.000 евра за да развие интернет-портал. Но, и тој не е готов туку е во развојна фаза. Целта на иноваторите е на едно место да ги спојат фирмите кои продаваат и граѓаните кои сакаат да купат поеколошки системи за греење.
„Кога ќе го заврши целиот овој процес, во позадина, бизнис-моделот и алгоритамот или да кажеме, народски кажано, математиката во позадина ќе даде некој пресметковна анализа, отприлика колку ви треба вашиот систем да го смените со нов и колку ќе заштедите, односно колку плаќате сега и колку би плаќале во иднина кога би го смениле овој систем на поекономичен“, вели Ѓорѓи Рафајловски- Технолоџи парк.
Најинтересен за публиката беше проектот на „Венито комерц“ од Кавадарци – електричен велосипед со вградени филтри за прочистување на воздухот. Развиен е со субвенција од 27.000 евра, но не е подготвен за продажба.
„Кога граѓаните ќе можат да се возат со овој велосипед зависи од повеќе фактори, најпрво ние сме се уште во фаза на прототип, планираме да започнеме со производство, односно „Венито Комерц“ да започне со производство на овој велосипеди најпрво како поединечни велосипеди кои би можеле граѓаните, се надеваме дека ова лето или крајот на летото, оваа година би пуштиле нешто во продажба“, вели Филип Попоски-Венито Комерц.
Дури и сите овие изуми навистина да профункционираат во следните месеци, дали реално ќе придонесат за значително прочистувањето на воздухот, ако на крај чинат скапо за граѓаните или за бизнисот? Директорот на Фондот, Јован Деспотовски, вели дека не ја исклучува можноста и тоа да се решава со нови субвенции.
„Имаме во предвид и тоа дека нормално економската, социјалната ситуација во државата е таква да не можеме да сметаме дека на пример велосипедот што го прочиствува воздухот кој што може да чини, 200 , 300, 500 евра ќе биде нешто што секое домаќинство лесно ќе си го дозволило. Затоа размислуваме веќе она што го спомнав и претходно, да општините пред се урбаните средини ги воведат во својот систем на градски превоз. Тоа значи дека тие велосипеди ќе бидат достапни за граѓаните за бесплатна употреба или да речам за еден минимален надоместок како алтернатива за користење на автобусите на пример што мислам дека реално ќе го реши проблемот. Кај дел, на пример кај овие филтрите за кои зборуваме, зборуваме за големите загадувачи. За компаниите. Не мислам дека трошокот на тие фирми ќе биде преголем за загадувачите да не можат да си го дозволат. Но, ако се случи тоа, ќе размислиме евентуално и за субвенционирање“, вели Деспотовски.
И со нови субвенции, крајниот ефект, сепак, ќе зависи од свеста на граѓаните. На пример, за велосипедот да прочистува, ќе мора да порасне свеста кај граѓаните дека треба да го користат. Но, и иноваторите и власта ќе треба да размислат за употребната вредност на изумот – зашто најзагадени се зимските месеци кога велосипедот и не е баш соодветно превозно средство.
Во исчекување изумите да станат употребливи и корисни, здравје, до следната година – до следната зима.
Напишете коментар