Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата ја коментираше политичката состојба на земјата со соседна Бугарија и директно го обвини Османи, дека точно знаел што прави кога го прифатил францускиот предлог
Поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, денеска на својот фејсбук-профил упати остра реакција на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за ширење на омраза и разгорување на религиска и етничка нетолеранција.

Мицкоски денеска го обвини Османи дека со поддршката на францускиот предлог му нанел „нож во грбот“ на македонскиот идентитет, нешто што додаде, дека нема да му биде заборавено.
„Како никогаш досега, имаме премиер што наместо да работи на зајакнување на внатрешната цврстина на земјата, упорно ги поткопува сите основи на кои се темели нашата внатрешна стабилност. Премиер кој наместо да го негува внатрешниот соживот, и да се грижи за меѓуетничката кохезија, свесно и доста упорно инвестира во промоција на омразата и меѓусебната нетолеранција“,
вели Османи.
Посочи дека иако имаат различни политички ставови и не се согласуваат околу европскиот пат на земјата, но дека Мицкоски ја преминува границата на политичка пристојност со навреди и обвинувања.
„Влечете за уши, делите жолти картони, навредувате, понижувате…, и сега последно – клетите? Користиш алузии на христовата жртва (закова шајки во раце и нозе) за над етничката да ја разгориш и религиската нетолеранција. Занесен и јавнат над популистичкиот тигар, не ни знаеш каква штета околу себе нанесуваш, штета над заедничкото ткиво, за кое нели, требаше да направиме обид за да создадеме и над-национален консензус, да ја зајакнеме нашата позиција и внатре и надвор“,
пишува тој.
Му порача на Мицкоски дека во јавноста зборува за одбрана на македонскиот јазик, кој веќе е заштитен во европската преговарачка рамка, додека во исто време со сета сила и со непристојна партиска поддршка од Уставниот суд, прави сѐ да го понижи албанскиот јазик и албанскиот граѓанин.
„Можеш да вреѓаш, да се закануваш, да фрлаш клетви и анатеми, да колнеш но Христијан, имаш еден клучен пропуст во твоето поимање на реалноста. Ние Албанците не сме гости во оваа земја туку домаќини. Ова е наш дом, овде сакаме да ја предвидиме нашата иднина и иднината на нашите деца и не сакаме да си одиме од овде“,
вели Османи.
Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата ја коментираше политичката состојба на земјата со соседна Бугарија и директно го обвини Османи, дека точно знаел што прави кога го прифатил францускиот предлог.
„Директно стави нож во белите дробови на македонскиот идентитет, и тоа никогаш нема да го заборавам. Прифаќајќи го францускиот предлог, директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет“,
рече Мицкоски.