Како што посочи тој на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-буџетот за 2026 година, како и оваа, и за следната година наместо законски предвидениот минимум од 0,4 отсто од вкупниот буџет се предлагаат едвај околу 0,2 проценти за потребите на Обвинителството. Притоа, Коцевски напомена дека во вкупен обем на средствата, износот е дури и помал отколку во тековната година, што, како што кажа, е апсолутно нелогично во услови кога сите трошоци растат
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вели дека состојбата со која се соочуваат во Јавното обвинителство во делот на финансиите станува алармантна, а изгледи за нејзино подобрување нема бидејќи процентот на средства што се зацртани во предлогот-буџетот за 2026 година за оваа институција се идентични како оние што беа изгласани лани во буџетот за 2025 година.

Коцевски ова го кажа во своето обраќање пред пратениците на Комисијата за финансирање и буџет каде што денеска започнаа расправата и поднесувањето амандмани на предлог-буџетот за следната година.
На самиот почетокот државниот јавен обвинител кажа дека лично многу размислувал дали воопшто да се обрати повторно од истата говорница, со истите барања како и лани.
Дополнително на неговата дилема влијаел и Извештајот на Европската комисија (ЕК), кој, како што кажа Коцевски, го потврдил она што тие како Обвинителство секоја година го изнесуваат како барање пред пратениците. Дека за ефикасна борба против криминалот и корупцијата мора да се овозможат ресурси и финансиска независност на Обвинителството и на правосудството воопшто.
„Сепак, одбрав да зборувам. Прво, затоа што навистина верувам во моќта на пратениците да ни ги овозможат ресурсите кои ни се неопходни за да можеме да работиме. Второ, затоа што имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна“,
рече државниот јавен обвинител.
Како што посочи тој, како и оваа, и за следната година наместо законски предвидениот минимум од 0,4 отсто од вкупниот буџет се предлагаат едвај околу 0,2 проценти за потребите на Обвинителството.
Притоа, Коцевски напомена дека во вкупен обем на средствата, износот е дури и помал отколку во тековната година, што, како што кажа, е апсолутно нелогично во услови кога сите трошоци растат.
Дополнително, јавниот обвинител истакна оти сака на целата јавност да ѝ биде јасно дека тука не станува збор за некакво покажување плати (како што тврди премиерот н.з.), ниту на јавните обвинители ниту на јавнообвинителските службеници.
„Во предлог-буџетот планираните издвојувања за плати се до денар исти како и годинава, а не се предвидени средства ниту за додатоци кои законски им следуваат на вработените“,
рече тој.
Она што е уште поважно, наведе, е тоа што најмногу се намалуваат средствата за договорни услуги, а од кои се исплаќаат сите вештачења, трошоци за истражни дејствија и за работа на јавните обвинителства во постапките што ги водат.
„Во исто време, нашите потреби во овој дел постојано растат. Вештачењата поскапуваат, а за голем број сериозни и сложени кривични дела воопшто нема вешти лица во нашата држава, па сме принудени да ангажираме експерти од странство. Се ова паѓа на товар на буџетот на обвинителството“,
рече Коцевски.
Говорејќи во тој контекст, државниот јавен обвинител се осврна и на предизвиците што ги носи Реформската агенда, со сериозни зафати кои мора да се реализираат во 2026 година, а кои не предвидуваат само законски измени, туку и јакнење на капацитетите и опремата во истражните центри, опремување и функционалност на канцеларијата за поврат на имот, поскапи финансиски истраги кои ќе резултираат со конфискација, ангажирање дополнителен број обвинители и експерти за откривање економски и финансиски криминал во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
За ниту еден од овие реформски чекори, како што кажа тој пред пратениците членови на Комисијата и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во буџетот за следната година нема доволно средства. Ниту, пак, додаде, има одобрувања од ресорното министерство за потребни вработувања, што значи дека тие нема да можат да се реализираат.
Според Коцевски, токму во делот на кадровските ресурси Обвинителството се наоѓа во крајно тешка состојба. Во оваа насока посочи на јавнообвинителската служба која функционира со едвај една третина од потребниот број.

Државниот јавен обвинител наведе уште еден податок, кој, како што кажа, уште повеќе загрижува.
„Oд почетокот на 2024 до денес, значи за помалку од 2 години, имаме одлив од над 10% на вработени кои си заминуваат по различни основи (околу 40 вработени). Во истиот период не ни е одобрено ниту едно ново вработување, па дури ни пополнување на овие испразнети места. Ниту едно ново вработување во службата не ни е одобрено ни за следната 2026 година, па очекувано е бројот на вработени дополнително да се намали. Иако недостигаат околу 30% и од потребниот број на јавни обвинители, поради блокираниот прием во Академијата, најмалку во следните три и пол години нема да биде примен ниту еден нов јавен обвинител. Со оглед на обемот на работа кој постојано расте, ваквата состојба е навистина неодржлива“,
рече тој додавајќи дека ваквата ситуација веќе ја прави невозможна и споредбата со земјите од најблиското опкружување.
Како што кажа Коцевски, иако барале, во предлог-буџетот за 2026 повторно не се предвидени средства за државно кофинансирање на новиот систем за управување со предметите, кој во најголем дел требаше да биде покриен со средства од ИПА-фондовите на Европската Унија.
За опрема во сите јавни обвинителства, рече Коцевски, државата планира помалку од 30 илјади евра.
Државниот јавен обвинител се осврна и на резултатите што ги испорачува институцијата со која раководи бидејќи, како што рече, сè почесто се споменува дека финансиите треба да бидат поврзани со нив.
Во овој контекст Коцевски наброја неколку случаи како пожарот во т.н. кабаре „Пулс“, потоа предметите „Адитив“ и „Онкологија“, кои освен ангажман на човечки ресурси, барале и значителни средства за вештачења и други дејствија поврзани со истрагите.
За предметот за пожарот во „Пулс“ рече дека е вистинска потврда зошто е важно да се негуваат и да се инвестира во ресурсите на Обвинителството, но и на правосудството во целина.
„Ваквите трагични настани никој не може да ги предвиди, а ние мора да имаме услови за да овозможиме ефикасна правда. Годинава се соочивме со исклучително сложени предмети и од областа на еколошкиот криминал, кривични дела кои предизвикаа и огромни последици на нашата животна средина, но и ги вознемирија граѓаните. Само еден пример сакам да истакнам тука за да илустрирам за какви трошоци за докажување зборуваме. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција работи на предмет поврзан со квалитетот на набавките на мазут и неговото влијание врз здравјето на граѓаните. За вештачење на само еден примерок кое мора да се врши во странство, потребни се 1 500 евра, а треба да се извештачат можеби 300 или повеќе примероци“,
рече Коцевски.
Осврнувајќи се на учинокот на годишно ниво, Коцевски пред пратениците кажа дека минатата година обвинителствата решиле околу 20 илјади предмети, а дополнително се постапува и во предистрага и во судска постапка.
„Ваквите резултати, во услови кога немаме доволна материјална и кадровска поддршка од државата, се можни само со натчовечки напори на луѓето во јавните обвинителства. Со оглед на недостатокот на кадар, секој вработен во јавното обвинителство во моментов извршува работни задачи за најмалку четири до пет предвидени работни позиции“,
рече државниот јавен обвинител.
Заокружувајќи го своето обраќање, тој потенцира дека Извештајот на Европската комисија за нив не е изненадување и побара од пратениците уште еднаш да го разгледаат предлог-буџетот за 2026 година и да ги зголемат финансиите за јавното обвинителство.
„Средствата што ние ги бараме не излегуваат надвор од законски предвидените рамки и ни се неопходни за ефикасна работа“,
рече државниот јавен обвинител.
