За разлика од политичките партии, називите на нашите листи тенденциозно се тргнати од гласачките ливчиња, што е намерно создавање забуна кај гласачите, велат претставници на независните листи
Од ДИК велат дека постапиле согласно член 60 став 9 од Изборниот законик според кој подносител на листата на кандидати е група избирачи, називот на листата се означува со „група избирачи“ и името и презимето на кандидатот
Претставниците на независните граѓански листи реагираат дека Државната изборна комисија (ДИК) ги променила нивните називи на гласачките ливчиња и со тоа се отвора можноста гласачите да бидат доведени во заблуда, а независните кандидати за градоначалници и за советници однапред се „осудени“ на нерамноправна изборна трка.
Денеска, независните граѓански листи Шанса за Центар, Зелените од Гази Баба, Подобро за Тетово, Независни за Карпош и Стига е – фронт против рудникот и загадувачите на животната средина за општина Струмица, Босилово и Ново Село на прес-конференција укажаа дека освен промените на називите на гласачките ливчиња, нив не им бил даден на увид ниту избирачкиот список, кој им е важен за планирање на кампањата.
„Со своето досегашно постапување ДИК придонесува кон нерамноправната изборна трка на штета на независните граѓански листи и голем број граѓани кои се препознаваат во нас. И покрај нашите укажувања, за разлика од политичките партии, називите на нашите листи тенденциозно се тргнати од гласачките ливчиња, што е намерно создавање забуна кај гласачите. Исто така, на независните листи им е скратено правото за увид во избирачкиот список, што е многу важно за планирање на кампањата. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и во никој случај не смее селективно дa e практикувано од државна институција“,
велат од независните граѓански листи.

Конкретно, Шанса за Центар е именувана како „група избирачи Јана Белчева-Андреевска“, иако листата била поднесена и потврдена од страна на Општинската изборна комисија под називот „група избирачи ‘Шанса за Центар’ Јана Белчева-Андреевска“. За ова, тие реагирале до ДИК во два наврати во текот на септември.
„Ние за жал немаме друг избор освен ова свое укажување до ДИК да го споделиме со јавноста и набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, а соодветно ги информиравме Народниот правобранител и Државниот управен инспекторат“,
велат претставниците на независните граѓански листи.
Од Државната изборна комисија за „360 степени“ велат дека тие постапиле согласно Изборниот законик, односно по член 60 став 9 според кој подносител на листата на кандидати е група избирачи, називот на листата се означува со „група избирачи“ и името и презимето на кандидатот.
Додека, пак, за изгледот на гласачкото ливче од ДИК се повикуваат на членовите 97 и 98 од Изборниот законик. Овие членови предвидуваат гласачкото ливче за гласање за избор на градоначалник (член 98) и за избор на членови на совет (член 97) да содржи назив на гласачкото ливче, бројот на гласачкото место и општината, реден број, име и симбол (ако го има) на подносителот на листата како и реден број, име и презиме на кандидатите врз основа на податоците од матичната евиденција.