Од Министерството за финансии бараат да одговорат на она што тие претходно го договорија со Министерството за правда и на барањето за 30 отсто покачување на платите
Веќе еден месец 500 вработени во Управата за водење на матичните книги штрајкуваат, но никој не нè повикал на разговор. Ваков арогантен однос од Владата и институциите не очекувавме. Ова е игра на нерви и ако не нè повикаат наскоро в среда ќе го блокираме Министерството за финансии, а потоа ќе има и радикализација на штрајкот, најави денеска Марјан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ).
„Она што се случува во Владата со ССМ, има пари-нема пари, заедно се сликаат, едни бараат, овие не даваат, тоа нас не нè интересира. Без независните синдикати да се вклучат во социјалниот дијалог нема да има мир. Апелирам да најдеме решение за овој проблем и доколку нема, следен чекор е в среда да го блокираме Министерството за финансии“,
вели Риистески.

Тој е незадоволен од односот на Владата кон независните синдикати и вели дека со тоа што се разговара само со ССМ, кој го нарече владин синдикат, Владата испраќа порака дека таа ги дели граѓаните, односно избира со кој синдикат ќе разговара. Според него, оние 2 800 денари за кои преговара ССМ се ништо во споредба со порастот на трошоците.
„Јавно кажувам, ако е така, да ги прекинеме разговорите со институциите и да најдеме некој да нè сослуша. Ние сме свесни за состојбата во која се наоѓа државата, но мора да се направи нешто со експерти, политички партии и ова да се реши. Доколку мислат дека со притисоци и закани ќе нè скршат, нема да успеат. Секојдневно има синдикати што изразуваат незадоволство и нè принудуваат секаде да направиме штрајк“,
изјави Ристевски.
Од Министерството за финансии бараат да одговорат на она што тие претходно го договорија со Министерството за правда и на барањето за 30 отсто покачување на плата.
„Имаме вработени со под 15 000 денари плата, има вработен кој го венча половина Скопје со плата од 17 500 денари. Со Правда најдовме заеднички јазик, а сега некој треба да потврди што од тоа ќе има“,
рече Ристевски.
Тој вели дека не му е јасно како и покрај тоа што над 70 отсто од вработените во Управата штрајкуваат и не се издаваат документи никој не ги повикува на разговор.