Протестот ќе биде во 12 часот пред судовите во Скопје, на крстосницата кај „Мавровка“

Независниот синдикат на полицијата на 12 мај ќе одржи протест на кој ќе бараат да се почитува Законот за минимална плата и судските постапки да се спроведуваат во законски предвидените рокови.
„Бараме да се почитува Законот за минимална плата и основната плата во полицијата да биде најмалку минималната плата. Бараме воедначување на судската пракса на целата територија на државата и спроведување на судските постапки во законски предвидените рокови. Вработените во полицијата не се службеници од втор ред. Законите не може да важат за полицијата само кога треба да нѐ казнуваат“,
се наведува во денешното соопштение од Синдикатот.
Оттаму велат дека ова не е само протест, туку е борба за достоинството на полицијата кое поради нашата индиферентност го загубивме.
Од Независниот синдикат на полицијата ги повикуваат сите останати синдикати кои се претставуваат како полициски, да соберат храброст и јавно да ги поддржат.
„Оваа борба не е за функции и не е само наша, ова е борба за достоинство на вработените во МВР, шумската, судската и затворската полиција“,
додаваат од Синдикатот.
Протестот ќе биде во 12 часот пред судовите во Скопје, на крстосницата кај „Мавровка“.