Протестот е закажан да се одржи напладне пред судовите во Скопје, на крстосницата кај „Мавровка“

Независниот синдикат на полицијата (НСП) денеска напладне ќе излезе на протест на кој ќе бараат да се почитува Законот за минимална плата и судските постапки да се спроведуваат во законски предвидените рокови.
Протестот е закажан да се одржи пред судовите во Скопје, на крстосницата кај „Мавровка“.
Во најавата за протестот, од Независниот синдикат велат дека поддршка ќе имаат и од нивните колеги од полициските синдикати од Република Црна Гора и Република Србија.
„Утре е денот кој го поздравија и поддржаа речиси сите балкански полициски синдикати, освен нашите таканаречени, кои не собраа храброст ниту да го споделат повикот за протест. Утре е денот кога синдикалци од Црна гора и Србија ќе патуваат по неколку часа да застанат рамо до рамо со нашите колеги и да дадат поддршка, а нашите ‘синдикалци’ ќе се кријат по канцелариите од колегите на кои од утре ќе треба да им објаснат зошто постојат и зошто не се одзваа на поканата“,
се вели во повикот за протест објавен на фејсбук-страницата на НСП.
Од Незацисниот синдикат велат дека со протестот бараат да се почитува Законот за минимална плата и основната плата во полицијата да биде најмалку минималната плата.
„Бараме воедначување на судската пракса на целата територија на државата и спроведување на судските постапки во законски предвидените рокови. Вработените во полицијата не се службеници од втор ред. Законите не може да важат за полицијата само кога треба да нѐ казнуваат“,
се вели во објавата на НСП.