Од Независниот синдикат на одбраната денеска изјавија дека бараат платите на војниците да ги следат реалните економски индикатори, како што се инфлацијата и трошоците за живот
„Просечната основна плата без додатоци на професионален војник изнесува околу 35 700 денари, а на полковник околу 70 200 денари. Кога на ова ќе се додадат сите други додатоци, согласно Колективниот договор, се добива поинаква бројка од онаа што ја изнесе претседателот на НСО, полковникот (Маријо) Јуришиќ“, се вели во реакцијата од Министерството за одбрана
Зголемување на бодот за пресметка на основната плата за 20 отсто, ревизија на бодовниот систем на квартално ниво и решавање на статусот на професионалните војници до остварување право на пензија. Ова се трите клучни барања што денеска ги испорача Независниот синдикат на одбраната.

Нив пред Министерството за одбрана ги соопшти претседателот на Синдикатот, Маријо Јуришиќ, кој кажа дека целта на нивните барања е платите да ги следат реалните економски индикатори, како што се инфлацијата и трошоците за живот.
„Доколку ги пресметаме платите на вработените во одбраната на сите нивоа – професионален војник, цивилен, подофицер и офицер – ќе видиме дека платите се исти и во февруари 2024 година, како и во декември, со последната исплата за 2025 година. Поради тоа, бараме овој систем да се преиспита бидејќи нашите припадници со таа плата не можат да ги купат истите работи што ги купувале во февруари 2024 година“,
изјави претседателот на Независниот синдикат на одбраната, Јурушиќ.
Тој посочи дека доколку барањата не бидат исполнети Синдикатот ќе разговара за тоа какви чекори ќе преземе понатаму. Сепак, како што наведе тој, нивни приоритет остануваат дијалогот и отворената комуникација со надлежните институции.
По прес-конференцијата на Независниот синдикат на одбраната, преку соопштение се огласи Министерството за одбрана. Во него се вели дека Министерството останува на ставот дека секое барање што доаѓа од синдикалните организации треба да се разгледува низ дијалог и оти постојано се работи на подобрување на условите за работа на припадниците на Армијата.
Според Министерството за одбрана, по првпат навремено се исплаќаат сите надоместоци, согласно Колективниот договор, меѓу кои и надоместоците за кирија, храна и превоз во висина од над 23 000 денари, како и додатоци за прекувремени работни часови, ноќна работа и дневници за дежурство.
„Просечната основна плата без додатоци на професионален војник изнесува околу 35 700 денари, а на полковник околу 70 200 денари. Кога на ова ќе се додадат сите други додатоци, согласно Колективниот договор, се добива поинаква бројка од онаа што ја изнесе претседателот на НСО, полковникот Јуришиќ“,
се вели во соопштението од Министерството.
Оттаму наведуваат дека поради одлуки донесени од претходната влада во изминатите години, на припадниците на Армијата и на буџетот за одбрана им е нанесена значителна штета. Само во последната година и половина врз основа на судски извршни пресуди, велат од Министерството, биле исплатени значителни суми, а како пример ја наведуваат сумата од 107 милиони денари, односно 1,8 милиони евра за неисплатени средства за прекувремена работа од 2019, 2020 и 2021 година.
Во однос на статусот на професионалните војници, оттаму велат дека, согласно Законот за служба во Армијата, секој припадник што ќе наполни 45 години има право на избор, односно да земе отпремнина од две просечни плати за секоја измината година во Армијата, помеѓу 30 000 и 40 000 евра, или да биде задржан на работа како цивилно лице во Армијата, Министерството или други државни институции до пензионирање.

Министерството наведува дека заедно со Генералштабот и со синдикатите разгледува можности за измени кои би овозможиле задржување на дел од професионалните војници и по навршување на 45-годишна возраст во специфични служби во рамки на Армијата.
„Ова не е иницијатива на НСО, но Министерството и Генералштабот ќе ја подготват во консултација со сите синдикати за да се најде најдобро можно решение за професионалните војници“,
се наведува во соопштението.
Според приложените извештаи, основната плата на професионален војник се движи меѓу 30 500 и 53 091 денар, а на полковник од 60 029 до 127 310 денари, на што се додаваат закупнина, храна, превоз и други надоместоци.
