Независниот кандидат за градоначалник на Могила вели дека е свесен оти ваквата одлука ќе изненади многумина, но дека е донесена со мирна совест и одговорност
Дека се повлекува од вториот круг од локалните избори претходно вчера објави и независниот кандидат за градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески. И тој, како и Пивковски, рече дека е време за обединување и ставање крај на поделбите
Сашо Пивковски е вториот независен кандидат за градоначалник кој објави дека се повлекува од трката за градоначалничката функција. Пивковски денеска на својот фејсбук-профил обзнани дека по внимателно размислување и разговори со граѓаните одлучил да се повлече од трката за прв човек на Општина Могила.

Вели дека одлуката не била лесна, но верува во нејзината исправност во интерес на општината и граѓаните.
„Во изминатиот период слушнав различни мислења, совети и размислувања. Сфатив дека политиката не смее да создава поделби меѓу луѓето, особено не меѓу пријатели и семејства. Нашата сила е во заедништвото, не во поделбите. ВМРО-ДПМНЕ е мојата партија, мојот политички дом. Како нејзин член секогаш сум се водел од идејата за чест, работа и почит кон луѓето. Така било и ќе остане. Ќе продолжам да го поддржувам сето она што е во интерес на граѓаните и на вредностите за кои се залага оваа организација“,
порача Пивковски во објавата на Фејсбук.
Вели дека е свесен оти ваквата одлука ќе изненади многумина, но дека е донесена со мирна совест и одговорност и дека претставува најдоброто нешто што можел да го направи во моментов.
Во првиот круг од локалните избори во Општина Могила, независниот кандидат Сашо Пивковски освои 37,07 отсто од гласовите, на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Драганчо Саботковски, му припаднаа 49,17 отсто од гласовите, а кандидатот предложен од СДСМ, Зоран Ристевски, освои 10,38 отсто од гласовите.

Дека се повлекува од вториот круг од локалните избори претходно вчера објави и независниот кандидат за градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески. И тој, како и Пивковски, рече дека е време за обединување и ставање крај на поделбите.
