„Зголемувањето на платите за сите вработени, вклучително и за вработените во високото образование и науката е нужно со цел да се избегне уедначување на надоместокот што го добиваат вработените што вршат работа со различна сложеност или различен степен на образование“, велат од Независниот академски синдикат и додаваат оти во спротивно ќе преземат порадикални чекори со цел исполнување на нивните права
Независниот академски синдикат (НАкС) го поддржа штрајкот организиран од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), додавајќи дека барањето за усогласување на платите со минималната плата е неопходно со цел да се остварат правата загарантирани со закон и со колективните договори.
Оттаму потсетуваат дека иако НАкС го поздрави покачувањето на минималната плата, со што, како што велат, се подобри положбата на вработените со најниски примања, додаваат оти барале соодветно зголемување и на платите на останатите вработени
„Зголемувањето на платите за сите вработени, вклучително и за вработените во високото образование и науката е нужно со цел да се избегне уедначување на надоместокот што го добиваат вработените што вршат работа со различна сложеност или различен степен на образование“,
велат од НАкС.
Оттука, како што посочуваат, бараат Министерството за образование и наука да биде одговорен партнер во социјалниот дијалог и веднаш да ги започне разговорите за усогласување на Колективниот договор за високо образование и наука со Законот за минимална плата од февруари 2022 и на тој начин да ја заштити неговата функционалност.
Во спротивно, најавуваат порадикални чекори со цел исполнување на нивните права.
Во меѓувреме, денеска е во тек вториот ден од штрајкот на вработените во образовниот сектор, кој го организира Сидикатот за образование, наука и култура (СОНК) со барање за зголемување на платите на вработените за 18,4 отсто, како и дополнителното барање – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.
Утрово, првиот човек на СОНК, Јаким Неделков, преку фејсбук-статус на сите штрајкувачи им посака да останат такви какви што се, а на оние малкумина што не штрајкуваа им препорача да си го послушаат срцето.
