Тие укажуваат дека во Службен весник на РСМ, во редакциски пречистениот текст на Изборниот законик, во сила се старите одредби од членовите 61 и 62, кои пропишуваат број на потписи од 100 до 450, и 1 000 за Град Скопје, што создава „комплетна конфузија и правна несигурност за независните кандидати непосредно пред изборите“

Независните советници од повеќе општини бараат Владата и Собранието итно да ја спроведат одлуката на Уставниот суд, како и да извршат автентично толкување на Изборниот законик во однос на тоа дали се овозможува учество на независните кандидати на претстојните локални избори без собирање потписи.
Независните советници велат дека одлуката на Уставниот суд ја преточиле во барања кои се поднесени уште во мај годинава до Собранието, Претседателот и сите координатори на партиите, како и до Министерството за правда.
Оттаму додаваат дека барањето за автентично толкување во нивно име го поднела пратеничката на ЛДП Моника Зајкова и истото е доставено до Владата која треба да даде мислење.
Независните бараат сите инволвирани во постапката, членовите на Владата и пратениците во Собранието, да ја завршат во најбрз можен рок промената во Изборниот законик почитувајќи ги сите правни стојалишта изнесени од Уставниот суд, а кои се поврзани со одлуката за укинување на противуставните измени на Изборниот законик, со кои се предвидуваа еден отсто на потребни потписи од вкупниот број на избирачи за кандидирање на независни листи, како и да го толкуваат сегашниот статус на независните кандидати на претстојните избори.
И покрај одлуката на Уставниот суд, на еден месец пред распишување избори, има предлог на Изборниот законик кој не е изгласан, а со кој повторно се зголемува бројот на потписи потребни за кандидирање на независни кандидати. Предложениот број на потребни потписи се движи од 100 до 1 000, а за Град Скопје 3 500, што, како што велат, е решение полошо од тоа што Уставниот суд го укина во мај годинава.
„Од една страна има противуставен предлог за повторна измена на Изборниот законик, од друга страна нема официјално толкување за сегашната состојба со укинатите два члена од страна на Уставниот суд“,
велат независните советници.
Тие укажуваат дека во Службен весник на РСМ, во редакциски пречистениот текст на Изборниот законик, во сила се старите одредби од членовите 61 и 62, кои пропишуваат број на потписи од 100 до 450, и 1 000 за Град Скопје, што создава „комплетна конфузија и правна несигурност за независните кандидати непосредно пред изборите“.
Независните кандидати ги повторуваат своите барања, што ги имаат доставено до Собранието, Претседателот и Министерството за правда.
„Да се постави услов од 20 до 100 собрани потписи (и 200 за Град Скопје) за независни листи, по пример на европските држави. Да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК. Да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена. Да се дозволи целосно наведување на името на советничките независни листи на избирачкото ливче, а не само името на носителот. Да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители при утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидати со ждрепка. Да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања“,
се барањата што ги наведуваат независните советници во денешното соопштение.
Групата изразува разочарување од однесувањето на институциите. Барањето за итна средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, поминало без одговор и без повик за средба, по изминати десет дена.
„Како член на Групата независни експерти за Европската повелба за локална самоуправа при Совет на Европа во Стразбур и експерт на ОН за избори од 1998 година до денес, поранешен професор по Уставно право и Локална самоуправа, очекувавме сосема спротивно однесување и покажување државнички и демократски капацитет, а не комплетно игнорирање на чекор пред распишување на изборите“,
стои во нивната изјава.
Дополнително, додаваат оттаму, од барањето за итна средба со координаторите на пратеничките групи во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ не ги удостоиле со одговор или средба по изминати две недели, додека средба со координаторот на ЗНАМ е најавена за следната недела.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не само што се однесуваат крајно непрофесионално, неприфатливо, недемократски, туку и со одбивање средба со нас дрско го погазуваат законот. Дополнително што барањето е од претставници на локалната самоуправа, независни советници во врска со измени на Изборниот законик со кои се уредуваат нашите уставно загарантирани права на кандидирање за јавни функции“,
се вели во соопштението на кое се потпишани актуелни независни советници од осум локални самоуправи – Град Скопје, Карпош, Центар, Битола, Струмица, Босилово, Ново Село и Гази Баба, како и поранешните советници од групата Подобро за Тетово.