Од винарницата соопштија дека биле доведени во ситуација привремено да го прекинат откупот на грозјето, поради блокада од поединци
Неколку тракторски приколки товарени со грозје од сортата „вранец-картошија“ вечерва завршија пред винарската визба „Тиквеш“. Револтирани лозарите одлучиле родот да го истурат пред визбата, наместо да го дадат за осум денари, јави локалната телевизија КТВ.
Додека траеше поротестот, со лозарите беше и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, кој е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за нов мандат, како и пратеничката од овој град Даниела Колева.
Група лозари попладнево започнаа протест пред винарицата, затоа што како пто тврдат им било кажано дека грозјето нема да им биде откупено доколку не надминува 19 малигани и за род со 19 милигани или помалку им била понудена цена од 8 денари за килограм. По ова, дел од лозарите почнале да го истураат грозјето од тракторските приколки пред влезот на винарницата.

Од винарницата „Тиквеш“ соопштија дека биле доведени во ситуација привремено да го прекинат откупот на грозјето, иако, како што велат, се единствената винарница во земјава која оваа година дефинираше највисока цена, ја почитуваше договорената цена за откуп на „вранецот“ и „смедеревката“, факт кој, како што се посочува, јавно го потврдија и актуелниот градоначалник на Кавадарци и претставникот на Здружението на лозарите.
„Ваквиот прекин беше предизвикан од неколкумина поединци кои на крајно некоректен и насилнички начин го блокираа влезот на винарницата и со тоа им попречија на над 200 вистински лозари кои денеска беше планирано да го предадат своето грозје во „Тиквеш“. За да биде ситуацијата уште поапсурдна, поединците кои насилно и на највулгарен начин го блокираа влезот во винарницата и притоа нанесоа материјална штета, всушност се обиделе да манипулираат со квалитетот на грозјето кое имале намера да го предадат во ‘Тиквеш’,
се додава во соопштението.
Според компанијта, грозјето што овие поединци сакале да го предадат за откуп било со многу понизок квалитет и воопшто не одговарало на мострите кои претходно ги презентирале, со што при стручната проценка на квалитетот е утврдено дека ова грозје немало соодветни карактеристики за да може од него да се произведе вино или дестилат, а со тоа не можело да ја постигне цената која тие ја очекувале.
„Винарската визба ‘Тиквеш’ останува децидна во својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што од тоа зависи квалитетот на вината што ги произведува кој секогаш мора да биде врвен. Инаку, ‘Тиквеш’ е единствената македонска винарница која започна со потпишување на договорите со откуп уште на почетокот на јули, со што до официјалниот почеток на откупот беа склучени над 2 100 договори со лозарите, во кои беа дефинирани условите и стандардите за квалитет кои треба да се исполнат. При тоа, ‘Тиквеш’ оваа година нуди највисоки цени за грозјето и се обврза на најголем откуп досега“,
се додава во соопштението, што го пренесува МИА.