Бејта е вториот кандидат што влегува во трката за градоначалник, откако Ваљбон Лимани вчера ги поднесе своите документи до ОИК

Невзат Бејта ја објави својата кандидатура за градоначалник на Гостивар на претстојните повторени локални избори, барајќи да го освои својот трет мандат. Тој синоќа на својот фејсбук-профил соопшти дека ќе има поддршка од коалицијата ВЛЕН.
„Согласно резултатите од анкетите и по консултациите со лидерите на ВЛЕН, беше одлучено кандидат за овие избори во Гостивар да бидам јас“,
напиша Бејта истакнувајќи дека целта на неговата иницијатива е „доброто на градот и граѓаните на Гостивар“.
Бејта најавува дека кандидатурата до Општинската изборна комисија (ОИК) ќе ја поднесе денеска во 12 часот. Тој ги повика граѓаните да му се придружат при поднесувањето на документите во малиот парк до општинската зграда.
Невзат Бејта е познат по неговата долга политичка кариера. Тој веќе двапати беше градоначалник на Гостивар (2005-2009 и 2013-2017). Во минатото бил пратеник, потпретседател на ДУИ и министер за локална самоуправа. Во 2021 година, тој исто така се кандидира за градоначалник како претставник на ДУИ.
Бејта е вториот кандидат што влегува во трката за градоначалник, откако Ваљбон Лимани вчера ги поднесе своите документи до ОИК.
Повторените избори се закажани за 11 јануари 2026 година.
