Откорнати дрвја, паднати ќерамиди, оштетени кровови, искинати кабли за интернет и за струја, се дел од штетите кои ги направило силното невреме кое околу 19 часот го зафатило во регионот на Општина Ранковце.
За расчистување на патиштата од паднатите дрвја на терен излегле и пожарникари и приватната фирма што го гради водоводот, а на некои места сè уште има паднати бандери со телефонски приклучоци.
Информациите за штетите од невремето ги сподели и градоначалникот на оваа општина, Ивица Тошевски, кој посочи дека најпогодени биле селата Гиновци, Петралица и делови од Одрено.
„Силниот ветер и пороен дожд во период од неполн час направија поголема материјална штета во Гиновци, Петралица и делови од Одрено. Паднати дрвја на и покрај патот, однесени ќерамиди и дел од кровни конструкции, искинати кабли за интернет и телефонски кабли, како и кабли за струја се само дел од штетите што настанаа. Како локална самоуправа презедовме интервентни активности, во координација со Територијалната противпожарна единица од Ранковце, како и со поддршка од приватниот субјект што гради водоснабдувачки систем во нашата општина, беа отстранети паднатите дрвја, се работеше на расчистување на повеќе локации,за да се излезе во пресрет на потребите на локалните жители“,
изјави градоначалникот Тошевски.
Штети претрпеа и земјоделските насади, но тие допрва ќе се утврдуваат.