Според последните мерења на УХМР, температурите попладнево се движат од 11 Целзиусови степени на Попова Шапка до 33 степени во Демир Капија

Обилен дожд, град, ветер и грмотевици попладнево зафатија делови од Скопје и од други градови.
Според Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), централните, северозападните и североисточните делови на Македонија се зафатени од силна нестабилна облачна маса, која е проследена со интензивни поројни врнежи од дожд, грмежи, засилен ветер и наместа појава на град.
„Силна нестабилна облачна маса се спушта кон езеро Младост и дел од Велес. Проследена е со интезивни поројни врнежи од дожд и град, силни електрични празнења и засилен ветер, кои можат да предизвикаат штети од поголем размер. Силна нестабилност има и помеѓу Штип и Кочани во регионот на Горни и Долни Балван, каде исто така има интезивни поројни врнежи од дожд и град, грмежи и засилен ветер. Од запад кон Скопје навлегува нестабилна облачна маса проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на град“,
велат од УХМР.
Оттаму додаваат дека нестабилна облачна маса има и во Прилепскиот Регион, измеѓу Прилеп и Росоман, Неготино, Демир Капија, Виница, Делчево, каде што има појава на пороен дожд, силни електрични празнење, засилен ветер и појава на град.
Според последните мерења на УХМР, температурите попладнево се движат од 11 Целзиусови степени на Попова Шапка до 33 степени во Демир Капија.
На социјалните мрежи веќе се поставуваат слики и видеа на кои може да се видат силни врнежи на повеќе локации.
