Инаку, овој случај е само еден од четирите со кои се соочува Доналд Трамп оваа година. Сепак, конкретниот судски процес би можел да биде единствениот што ќе одржи пред изборите во ноември на кој експретседателот ќе се обиде да му се реваншира на актуелниот американски претседател Џо Бајден за поразот пред четири години
Историското судење на поранешниот американски претседател и актуелен кандидат за функцијата од редовите на републиканците Доналд Трамп започна вчера во окружниот суд во Њујорк со избор на порота која треба да ги сослуша обвиненијата против него за фалсификување деловни книги за да го прикрие поткупот што ѝ го исплатил на поранешната ѕвезда во филмови за возрасни, непосредно пред претседателските избори во 2016 година, пренесува Асошиејтед прес.
Пред судницата, чиј пристап беше опкружен со метални огради, имаше голем број новинари, како и демонстранти кои имаа транспаренти „Никој не е над законот“.

Не биле избрани потенцијалните поротници во судскиот процес против Трамп, зашто се изјасниле дека не можат непристрасно да одлучат дали поранешниот американски претседател е виновен или невин за кривичните пријави.
На почетокот на судењето, судијата Хуан Меркан ѝ се обратил на групата од речиси 100 потенцијални поротници дека мора да ги остават настрана сите предрасуди и лични ставови кои ги имаат за обвинетиот или за случајот, вклучително и тие за политичката ориентација.
Трамп по завршувањето на првиот ден од судењето рече дека овој процес е политички лов на вештерки.
„Ако ги читате сите правни експерти, сите правници, не гледам ниту еден што рекол дека ова е случај што треба да се покрене и да се процесира. Не сум во Џорџија, во Флорида или во Северна Каролина за да водам кампања како што треба. Ова е совршено за радикалната левица на демократите. Тие токму тоа и го сакаат. Тука станува збор во мешање во изборите“,
рече Трамп.
Правните застапници на Трамп се обидоа да го отстранат судијата Хуан Меркан од процесот тврдејќи дека неговата ќерка работи за политичка консултантска фирма чиј клиент е Демократската партија, што според нив претставува конфликт на интереси.
Поранешниот американски претседател се товари дека преку својот адвокат ѝ исплатил 130 000 долари на Сторми Даниелс за да молчи за нивната наводна афера пред изборите во 2016 година. Поранешниот адвокат на Трамп Мајкл Коен сведочел дека тој лично ги вршел исплатите на Даниелс. Трамп рече дека планира да сведочи во своја одбрана.
Претходно тој ги отфрли сите обвинувања и ги оцени како политички мотивирани. Обвинението беше покренато во март 2023 година, а почетокот на судењето беше закажан за 25 март годинава, но неколкупати беше одложувано, бидејќи тимот на Трамп побара повеќе време за собирање дополнителна документација.
Инаку, Трамп доби судска забрана јавно да зборува за учесниците во оваа постапка и за нивните семејства, бидејќи претходно јавно ја навреди ќерката на судијата. За фалсификување деловни документи е предвидена затворска казна од четири години. Трамп би можел да добие помала казна бидејќи досега не е осудуван, но американските медиуми посочуваат дека не му оди во прилог тоа што јавно му се спротивставил на судијата и ја навредувал ќерка му.
Според Асишиејтед прес, поранешниот претседател за да биде прогласен за виновен, обвинителството мора да докаже дека не само што фалсификувал деловни документи, што би било прекршок, туку дека сакал да прикрие уште едно прекршување на законот, што е кривично дело.
Дури и ако Трамп биде прогласен за виновен, па дури и ако оди во затвор, тоа формално не го дисквалификува да се кандидира за претседател.
Инаку, овој случај е само еден од четирите со кои се соочува Доналд Трамп оваа година. Сепак, конкретниот судски процес би можел да биде единствениот што ќе одржи пред изборите во ноември на кој експретседателот ќе се обиде да му се реваншира на актуелниот американски претседател Џо Бајден за поразот пред четири години.
Трамп се соочува со две други федерални кривични пријави – за незаконско ракување со доверливи документи и обид да ги поколеба резултатите од изборите во 2020 година во негова корист, како и кривично дело во Џорџија за обид да влијае на резултатите во таа држава. Засега за ниту еден од овие случаи не е започнато судењето.