Иран под владеењето на шахот Мохамад Реза Пахлави, беше една од ретките муслимански држави што го признаа Израел по неговото основање во 1948 година

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека гледа шанси за повторно сојузништво помеѓу Израел и Иран, но откако ќе падне режимот на ајатолахот Хамнеи во Техеран.
„Им испраќаме сила на херојските и храбри граѓани на Иран, кога режимот ќе падне, заедно ќе правиме добри работи во корист на двата народа“, рече Нетанјаху. Кога ќе дојде тој ден, Израел и Иран повторно ќе станат верни партнери во градењето иднина на просперитет и мир“,
рече израелскиот премиер.
Протестите во Иран започнаа на 28 декември минатата година, поради падот на иранската валута и тешката економска состојба, а оттогаш, според организациите за човекови права, најмалку 192 лица се убиени во обиди за насилно задушување на протестите.
„Хјуман рајтс активистс“ со седиште во САД, утрово објави дека повеќе од 570 протести се одржале во текот на ноќта и утрово во 31 иранска провинција.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно изјави дека САД ќе интервенираат доколку иранскиот режим почне да убива демонстранти, додека претседателот на иранскиот парламент се закани дека Иран ќе го нападне Израел и американските цели во регионот доколку САД ја нападнат земјата.
Израел е во состојба на висока готовност за каква било можна интервенција на САД во Иран.
Инаку, до Исламската Револуција во Иран во 1979 година, односите бележеа добрa соработка и сојузништво. Впрочем, Иран под владеењето на шахот Мохамад Реза Пахлави, беше една од ретките муслимански држави што го признаа Израел по неговото основање во 1948 година.
Израел имаше амбасада во Техеран и формални дипломатски односи кои траеја од 1948 до февруари 1979 година.
