Tековната копнена операција во Газа е втората фаза од војната со Хамас, порача израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција од Тел Авив. Tој рече дека дополнителните израелски копнени сили влегле во „упориштето на злото“, со јасни цели – уништување на воените и управувачките способности на Хамас и враќање на заложниците дома. Нетанјаху, без да го спомене турскиот претседател Ердоган, кој претходно го обвини Израел за воени злосторства, порача дека тие што мислат така се лицемерни и лажат.

„Секој што ќе се осуди да ги обвини нашите трупи за воени злосторства е лицемерен и лажго. ИДФ е најморална војска во светот. Прави се што може за да не ги повреди тие кои не се вмешани. Нашиот непријател нема граници, спроведува воени злосторства, ги користи жителите на Газа како ‘жив штит'”,
кажа Нетанјаху во својот настап.
Осврнувајќи се на поддршката што тој вели дека му била дадена од сојузниците од Западот и арапскиот свет, заклучи дека ова ќе биде долга и тешка војна, во која Израел ќе победи.
„Борбата ќе биде тешка и долга, но подготвени сме. Ова е втора војна за независност. Ќе се бориме за заштита на нашата татковина, ќе се бориме од копно и од воздух и море. Ќе се бориме и ќе победиме и ова ќе биде триумф на доброто над злото“,
порача Нетанјаху.
Нетанјаху претходно се сретна со претставници на семејствата на заложниците кои ги држи Хамас во Газа. По средбата тие повикуваа да се ослободат сите палестински затвореници во Израел во замена за ослободување на нивните најблиски.