Додека меѓународната заедница врши зголемен притисок врз Тел Авив, израелската влада наводно размислувa за проширување на нападите во други области во Газа, каде што можеби се наоѓаат преостанатите израелски заложници
Повеќе од 600 сегашни и поранешни членови на Израелските одбранбени сили, како и на безбедносно-разузнавачките служби Мосад и Шин Бет, испратија писмо до американскиот претседател барајќи од него да го принуди Нетанјаху да ја прекине војната

И покрај хуманитарната катастрофа, израелската армија продолжува со нападите во Газа. Само денеска, според палестински извори, повеќе од 50 лица загинале, од кои неколку додека примале хуманитарна помош.
Додека меѓународната заедница врши зголемен притисок врз Тел Авив, израелската влада наводно планира нови напади, размислувајќи за проширување на нападите во други области во Газа, каде што можеби се наоѓаат преостанатите израелски заложници.
Палети со хуманитарна помош во Газа се доставуваат воздушно, со падобрани, но не секогаш таму каде што е потребна. Многу пратки завршуваат во Средоземното Море по грешка или во области од кои луѓето се евакуирани.

Вчера, 95 камиони со помош влегоа во Газа. Обединетите нации (ОН) проценуваат дека треба да има најмалку 600 од нив дневно. Секое пристигнување на камион се претвора во стампедо од гладни луѓе.
„Ова се смртоносни стапици. Храната што пристигнува е извалкана со понижување и крв. Ако никој не ве застрела, постои можност да бидете прегазени од камион“,
вели жител на Газа.
Покрај гладот, постои и закана од ракети. И воздушните и копнените напади се интензивирани во различни делови од Газа.

Израелските медиуми објавуваат дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе побара од безбедносниот кабинет поддршка за окупирање на целиот Појас Газа. Ова би значело проширување на операциите на израелската армија на целата територија. Тие моментално контролираат околу 75 проценти од Газа. Армијата не влегла во преостанатите 25 проценти од страв дека таму има заложници.
„Мораме да го победиме непријателот до крај, да ги ослободиме сите наши заложници и да се осигуриме дека Газа веќе не претставува закана за Израел. Не се откажуваме од ниту една од овие три цели. Ќе го направиме ова заедно, со големата жртва на нашите борци“,
вели Нетанјаху.
Неговиот план наидува на отпор кај военото раководство. Началникот на Генералштабот е против окупирање на целиот Појас Газа, а против е и дел од безбедносниот апарат. Повеќе од 600 сегашни и поранешни членови на Израелските одбранбени сили (ИДФ), како и на безбедносно-разузнавачките служби Мосад и Шин Бет, испратија писмо до американскиот претседател барајќи од него да го принуди Нетанјаху да ја прекине војната.
„Направивме нешто што ни беше незамисливо претходно – му пишавме на американскиот претседател. Единствената личност на светот што може да го притисне нашиот премиер е претседателот Трамп. Тој е вистински поддржувач на Израел и постојано зборува за запирање на војните низ целиот свет. Па, нека почне со Газа“,
вели пензионираниот израелски генерал Матан Вилнај.
Израел размислува да влезе во цела Газа откако Хамас одби да го предаде оружјето. Хамас вели дека ќе го стори тоа само кога ќе се воспостави палестинска држава. Но, во потрага по заложници, овој пат ИДФ би можеле да влезат во секој агол на Газа.