Се очекува Нетанјаху во наредните денови да се консултира со својот кабинет и военото раководство за да добие поддршка за својот план, објавија неколку медиуми
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се стреми кон проширување на воените операции и целосна окупација на Појасот Газа, објави израелскиот Канал 12 повикувајќи се на функционер во кабинетот на премиерот.

Се очекува Нетанјаху во наредните денови да се консултира со својот кабинет и военото раководство за да добие поддршка за својот план, објавија неколку медиуми. Новинскиот портал „Инетњуз“ цитираше висок функционер, наводно близок до Нетанјаху, кој рече:
„Коцката е фрлена, одиме кон целосна окупација на Појасот Газа“.
Нетанјаху претходно денес објави дека ќе издаде инструкции оваа недела за продолжување на војната во Појасот Газа. Во видео порака објавена вчера, израелскиот премиер рече дека Хамас одбива да се согласи на договорено решение.
Напорите за обезбедување прекин на огнот и ослободување на заложниците преку индиректни преговори меѓу Израел и Хамас траат со месеци без резултати. Израелските сили моментално контролираат околу 75 проценти од Газа.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) постојано се спротивставуваат на целосната окупација на Појасот Газа предупредувајќи дека уривањето на сите тунели и бункери на Хамас може да трае со години, според весникот „Тајмс оф Израел“. Воените лидери, исто така, предупредија дека офанзивата насочена кон заземање на цела Газа може да ги загрози животите на заложниците, за кои се плашат дека би можеле да бидат убиени штом се приближат израелските трупи.
Нетанјаху наводно сега е подготвен да го прифати тој ризик.
„Ќе има активности во областите каде што се држат заложници“,
изјавил службеникот, цитиран од „Инетњуз“.
Досега, главно министрите од крајната десница во владата на Нетанјаху повикаа на целосно преземање на Појасот Газа.