Нетанјаху на прес-конференција изјави дека ги собрал раководителите на израелските безбедносни служби напладне и одобрил хируршки прецизен удар врз лидерите на Хамас, нагласувајќи дека ова е исполнување на ветувањето дадено по масакрот на 7 октомври 2023 година
По израелскиот напад во Доха, кој беше насочен кон високи функционери на Хамас и предизвика силни меѓународни реакции, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху уште еднаш јавно нагласи дека Хамас е одговорен за продолжувањето на војната во Газа.
Фото: EPA/Ronen Zvulun / POOL
Нетанјаху на прес-конференција изјави дека ги собрал раководителите на израелските безбедносни служби напладне и одобрил хируршки прецизен удар врз лидерите на Хамас, нагласувајќи дека ова е исполнување на ветувањето дадено по масакрот на 7 октомври 2023 година.
„На почетокот на војната Израел рече дека ќе ги фати оние што го извршија овој ужас. Денес Израел и јас го одржавме тоа ветување“,
рече тој.
Нетанјаху, исто така, им се обрати на цивилите во Газа.
„Војната во Газа може веднаш да заврши ако Хамас го прифати предлогот на претседателот Трамп. Борете се за вашите права и за вашата иднина. Склучете мир со нас и прифатете го предлогот на претседателот Трамп“,
рече израелскиот премиер.
Хамас во неделата објави дека ги поздравува некои од идеите што дојдоа од Соединетите Американски Држави преку медијатори во врска со договорот за прекин на огнот во Газа.
Претходно истиот ден претседателот Трамп на социјалната мрежа Трут соушал напиша:
„Сите сакаат заложниците да се вратат дома. Сите сакаат оваа војна да заврши! Израел ги прифати моите услови. Време е Хамас да го стори истото. Го предупредив Хамас за последиците од неприфаќањето. Ова е моето последно предупредување, нема да има второ!“