Нетанјаху изјави дека верува оти лидерството на Трамп ќе му помогне на Израел да ги нормализира односите со повеќе арапски држави, при што нагласи дека Израел ќе остане буден пред идните закани
Ова е ден што ќе биде запишан во историјата и американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде запишан во историјата на нашиот народ и на светот, изјави денеска пред пратениците во Кнесетот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Претходно пред пратениците се обрати и Трамп.

„Колку долго го чекавме овој момент и сакам лично да ти се заблагодарам во име на целиот народ“,
му рече Нетанјаху на американскиот претседател.
Израелскиот премиер потоа им се заблагодари на САД за поддршката што му ја даваат на Израел низ годините, како и за, како што рече, смелите одлуки донесени за време на 12-дневниот конфликт со Иран претходно ова лето.
САД во јуни нападнаа три од иранските нуклеарни локации.
„Доналд Трамп е најголемиот пријател што државата Израел некогаш го имала во Белата куќа“,
рече Нетанјаху, по што во салата се слушнале извици „Трамп“.
Нетанјаху го опиша мировниот предлог на Трамп како клучен чекор кон мирот.
„Денеска, еврејскиот календар го означува крајот на две години војна. Благодарение на овие херои, нашиот народ ќе преживее… ќе напредува… и ќе има мир“,
рече израелскиот премиер оддавајќи им почит на загинатите израелски војници – спомнувајќи по име некои од оние што биле убиени или повредени.
Нетанјаху изјави дека верува оти лидерството на Трамп ќе му помогне на Израел да ги нормализира односите со повеќе арапски држави, при што нагласи дека Израел ќе остане буден пред идните закани.
Тој го поздрави Трамп, припишувајќи му заслуги за краткиот договор за прекин на огнот постигнат во јануари, кој доведе до ослободување на некои заложници.
По прекинот на огнот во Газа, Хамас денеска ги ослободи израелските заложници што ги држеше во заложништво повеќе од две години.
Сите 20 живи заложници се ослободени и префрлени со авион во Израел. Дваесет и осум заложници се мртви, а нивните останки ќе бидат префрлени со авион во Израел во наредните денови. Израел за возврат ќе ослободи 250 палестински затвореници и повеќе од 1 700 лица уапсени во Газа.