Трамп во понеделникот беше домаќин на средбата со Нетанјаху во Белата куќа, на која разговараа за регионални прашања, вклучително и за можен договор за прекин на огнот во Газа
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека тој и американскиот претседател Доналд Трамп имаат заедничка стратегија за Појасот Газа, негирајќи дека се залагаат за присилно преселување на Палестинците, јави агенцијата Анадолија.

„Сакаме да ги ослободиме нашите заложници. Сакаме да ставиме крај на власта на Хамас во Газа и да обезбедиме дека Газа нема веќе да претставува закана за Израел. Во таа заедничка цел имаме заедничка стратегија. Не само стратегија, туку и тактика. Ова не вклучува притисок, ниту присилба. Тоа вклучува целосна координација“,
рече Нетанјаху.
Трамп во понеделникот беше домаќин на средбата со Нетанјаху во Белата куќа, на која разговараа за регионални прашања, вклучително и за можен договор за прекин на огнот во Газа.
На прашање на новинарите за време на средбата дали неговиот план за преселување на Палестинците сè уште е на маса, Трамп изјави дека САД имаат одлична соработка со околните земји кои би можеле да прифатат Палестинци. Нетанјаху додаде дека се блиску до постигнување договор со неколку земји и дека Палестинците кои сакаат да ја напуштат Газа треба да имаат слободен избор.
„Никого не протеруваме. Не мислам дека тоа е предлог на претседателот Трамп. Неговиот предлог беше да им се даде избор“,
изјави Нетанјаху.
Од октомври 2023 година, израелската воена офанзива во Газа резултираше со смрт на повеќе од 57 500 Палестинци, најголемиот дел жени и деца. Непрекинатото бомбардирање ја уништи енклавата и доведе до сериозна хуманитарна криза, со недостиг од храна и ширење заразни болести.
Офанзивата на Тел Авив беше последица на нападот што го изведе Хамас на израелска територија, при што уби 1 200 лица, а киднапира и зеде за заложници 251 лице. Според израелски извештаи, 148 заложници се вратени живи во Израел до јуни 2025 година, вклучувајќи 105 ослободени за време на примирјето во 2023 година, осум се спасени од страна на Израелските одбранбени сили, петмина се ослободени од Хамас надвор од договорите за примирје и 30 се ослободени за време на примирјето во 2025 година.
Најмалку 43 заложници се потврдени како мртви од израелските власти, од кои некои биле убиени за време на нападот на 7 октомври или подоцна во заробеништво, а нивните тела сè уште се држат во Газа. За останатите се верува дека се уште во заробеништво.