Израелскиот премиер во интервјуто за Фокс њуз изјави и дека Израел сè уште е посветен на уништување на воените и управувачките капацитети на Хамас, со цел никогаш веќе да не претставуваат закана за Еврејската држава
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху смета дека предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Газа од страна на Соединетите Американски Држави е извонредна идеја, која треба да се анализира, но и да се реализира.
„Сметам дека тоа ќе создаде различна иднина за сите“,
изјави тој за Фокс њуз.
Според него, Палестинците што сакаат да го напуштат Појасот Газа можат да си заминат, а потоа да се вратат.
„Вистинската идеја е да им се дозволи на жителите на Газа што сакаат да заминат, да си заминат. Што има лошо во тоа? Тие можат да заминат, а потоа можат да се вратат. Тие можат да се преселат и да се вратат, но прво Газа треба да се обнови“,
кажа тој.
Нетанјаху во интервјуто за Фокс њуз изјави и дека Израел сè уште е посветен на уништување на воените и управувачките капацитети на Хамас, со цел никогаш веќе да не претставуваат закана за Еврејската држава.
Трамп пред два дена изјави дека САД ќе го „преземат“ Појасот Газа, опишувајќи ја неговата визија за областа како „Ривиера на Блискиот Исток“.
Исто така, предложи преселување на Палестинците во други арапски земји, како Јордан и Египет, бидејќи Газа во моментов е целата во урнатини.
Планот на Трамп наиде на остри критики од светските претставници.
И жителите на Газа остро реагираа на предлогот на Трамп за можно преземање на Газа и раселување на Палестинците.
Египет го отфрли предлогот на Трамп. Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати изјави дека Палестинците не треба да ја напуштаат Газа.
Познато е дека арапските земји одамна отфрлаат какво било принудно раселување на Палестинците и се залагаат за решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт.
Според американскиот државен секретар Марко Рубио, претседателот на САД, Доналд Трамп, предложил само привремено заминување на Палестинците од Газа, додека Појасот не биде расчистен и обновен, а не преземање на територијата од страна на Соединетите Американски Држави.