Во првото обраќање до јавноста откако Трамп прогласи крај на 12-дневниот конфликт, израелскиот премиер и иранскиот претседател го признаа прекинот на огнот, притоа прогласувајќи историска победа – Нетанјаху на Израел, Пезешкијан на Иран
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, по првпат ѝ се обратија на јавноста откако претходно денеска американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за прекин на 12-дневната војна меѓу Израел и Иран. Во обраќањето до јавноста, обајцата го признаа прекинот на огнот, притоа прогласувајќи историска победа – Нетанјаху на Израел, Пезешкијан на Иран.

Нетанјаху го опиша прекинот на огнот како историска победа која ќе се памети со генерации.
„Отстранивме две непосредни егзистенцијални закани – нуклеарна закана и закана од балистички ракети. Доколку не дејствувавме, наскоро ќе се соочевме со опасноста од уништување“,
рече тој во обраќањето до јавноста.
Нетанјаху изрази благодарност до американскиот претседател Доналд Трамп за вклученоста на Соединетите Држави во конфликтот не само од аспект на одбрана, туку и на офанзива, оценувајќи дека Израел никогаш немал поголем пријател во Белата куќа од актуелниот шеф на САД.
Додаде дека Израел ја уништил нуклеарната програма на Иран и предупреди дека доколку се обидат да ја обноват програмата, Израел ќе дејствува со истата решителност и сила за да спречи таков обид.
Паралелно со Нетанјаху, до јавноста во Иран се обрати претседателот Масуд Пезешкијан. Порача дека сите заслуги за историската победа против, како што рече, американско-ционистичкиот чин на агресија му припаѓаат на Иран и се резултат на непоколебливоста, единството и отпорноста на иранскиот народ.
„Агресивниот непријател не успеа да ги постигне своите злобни цели за уништување на нуклеарните постројки и поткопување на нуклеарното знаење, како и поттикнување социјални немири. Спротивно на тоа, колапсот на лажната непобедливост на ционистичкиот режим и неговите сојузници, заедно со обемното уништување на важните постројки и центри на окупираните територии, испрати клучна порака до светот дека цената на авантуризмот против големиот Иран е исклучително висока“,
порача Пезешкијан.
Доналд Трамп претходно денеска објави дека е постигнат договор за прекин на огнот меѓу Иран и Израел.