Од кабинетот на Нетанјаху соопштија дека единствените во Појасот Газа кои намерно се изгладнуваат се изралеските заложници што ги држи Хамас
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го критикуваше извештајот на ОН во кој се прогласува глад во Појасот Газа, оценувајќи го како „бесрамна лага“, истовремено обвинувајќи го Хамас за недостигот на храна во енклавата.

„Израел нема политика за глад. Израел има политика за спречување на глад“,
се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху, пренесоа светските медиуми.
Според соопштението, единствените во Појасот Газа кои намерно се изгладнуваат се изралеските заложници што ги држи Хамас.
Од кабинетот на Нетанјаху велат и дека извештајот не ги зема предвид хуманитарните напори на Израел и систематската кражба на помошта од страна на Хамас.
Според реакцијата, овие кражби предизвикале привремен недостиг, кој Израел го надминал благодарение на сопствените напори.
Обединетите нации денеска официјално прогласија дека владее глад во Газа, наведувајќи дека ова е прв случај на глад на Блискиот Исток.
Според извештајот на Интегрираната класификација за безбедност на храната (ИПЦ), што ја мониторира состојбата со пристапот до храна и која е поддржана од ОН, повеќе од половина милион луѓе страдаат од глад во Газа, а до крајот на септември се проценува дека ќе има влошување на состојбата и дека ќе се зголеми бројот на гладни на 640 000 луѓе.
Податоците на ИПЦ велат дека околу 280 000 од погодените луѓе се во северниот регион што го вклучува градот Газа, додека преостанатите се во Деир ал Балах и Кан Јунис, централни и јужни области за кои се предупредува дека ќе бидат во состојба на глад до крајот на следниот месец.
За еден регион да биде класифициран во состојба на глад значи дека е достигната најекстремната категорија, кога се надминати три критични прага – екстремна лишеност од храна, акутна неухранетост и смртни случаи поврзани со глад.
Според проценките на ИПЦ, најмалку 20 проценти од населението мора да страда од екстремен недостиг на храна, при што едно од три деца е акутно неухрането, а две лица од секои 10 000 жители умираат од глад, неухранетост или болест секој ден.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави дека најновите податоци за состојбата со гладот во Газа се уште една потврда дека станува збор за „катастрофа предизвикана од човекот, морална пресуда и неуспех на самото човештво“.
Извештајот на ИПЦ дојде откако Велика Британија, Канада, Австралија и повеќе европски земји предупредија дека хуманитарната криза во Газа достигнала „незамисливи нивоа“ по речиси две години војна.