„Тајмс оф Израел“ јави дека за време на шестчасовната седница на израелскиот кабинет за безбедност министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир се залагал за гласање против предлогот за прифаќање на какви било делумни договори, на што Нетанјаху одговорил дека нема потреба од гласање бидејќи тоа не е на маса

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го повтори својот став дека договор со Хамас за делумно примирје и ослободување на заложниците не е на маса, објавија израелските медиуми.
„Тајмс оф Израел“ јави дека за време на шестчасовната седница на израелскиот кабинет за безбедност, министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир се залагал за гласање против предлогот за прифаќање на какви било делумни договори, на што Нетанјаху одговорил дека нема потреба од гласање бидејќи тоа не е на маса.
Нетанјаху за време на состанокот рекол дека американскиот претседател Доналд Трамп го повикал и му рекол оти не прифаќа никакви делумни договори со Хамас, дека наместо тоа се бори со полна сила против оваа терористичка група.
„Заборавете на делумните договори. Одете со полна сила и завршете го тоа“,
наводно му рекол Трамп на Нетанјаху, наведува израелскиот весник.
Пред состанокот на кабинетот за безбедност, „Канал 12 њуз“ цитираше неименувани извори според кои Трамп врши зголемен притисок врз Нетанјаху да го победи Хамас што е можно побрзо.
Реагирајќи на изјавите на израелскиот премиер, Форумот на семејства на заложници и исчезнати лица изјави дека Нетанјаху ги отфрла делумните рамки за кои претходно се согласил и дека води стратегија која не е стратегија за преговори, туку стратегија на опструкција.