На дополнителното прашање што само по себе се наметнува – дали осудените и обвинетите ќе можат повторно да поднесат апликации до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Илиевски вели дека тоа е апсолутно можно. Но, како што додава, додека да се стигне до тој момент, ќе помине многу време
По одлуката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур за апликациите на осудените и обвинетите во предметите што ги отвори поранешното СЈО, а за кои поранешниот претседател Ѓорге Иванов прво донесе одлука да ги помилува, а потоа ја повлече, адвокатот Влатко Илиевски, во изјава за „360 степени“ вели дека му е несфатливо што на ЕСЧП му било потребно долго време да одлучи дека апликацијата е преуранета. Илиевски е застапник на обвинетите и осудените пред Судот, а инаку е сопруг на Гордана Јанкуловска, една од засегнатите од денешната одлука на ЕСЧП.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур утрово објави дека апликациите на осудените и обвинетите од предметите што ги отвори СЈО се недопуштени. Судот ја темели одлуката на тоа што обвинетите и осудените не успеале да ги исцрпат домашните правни лекови пред да се жалат во Стразбур.
„Малку ми е несфатливо зошто им требаа пет и пол години да одлучат дека апликацијата е преуранета, односно дека не се исцрпени домашните правни лекови“,
изјави Илиевски во телефонски разговор за „360 степени“.
На дополнителното прашање што само по себе се наметнува – дали осудените и обвинетите ќе можат повторно да поднесат апликации до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Илиевски вели дека тоа е апсолутно можно. Но, како што додава, додека да се стигне до тој момент, ќе помине многу време.
„Ќе може, апсолутно. Со тоа што ќе мора да чекаме на одлука и од Врховниот суд во земјава, за што ќе помине многу време додека се завршат сите постапки“,
ни изјави Илиевски.
Апликациите во Стразбур, преку адвокатот Илиевски, ги поднесоа дел од поранешните функционери против кои отвори постапки поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а кои произлегоа од прислушуваните разговори што во 2015 година ги објави тогашниот опозициски, а сега владејачки Социјалдемократски сојуз на Македонија.
Пред ЕСЧП тие се жалеа дека нивното кривично гонење по даденото помилување од тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов претставува повреда на правото на слобода и безбедност (член 5 од Европската конвенција за човекови права) и правото на правично судење (член 6 од Конвенцијата).
Првата апликација до Стразбур беше испратена на почетокот на ноември 2017 година од поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, преку адвокатот Илиевски, поради што и предметот во ЕСЧП е насловен: „Талески и останатите против Северна Македонија“.
Останатите што потоа поднесоа апликации се: поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, генералниот секретар на Владата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешните градоначалници на Гази Баба и на Пустец (Албанија), Тони Трајковски и Едмонд Темелко.