Непроверена јачменова трева во прав увезена од Бугарија, во земјава завршила во продавници за малопродажба и на купувачите им се нудела како безглутенска.
Секторот за економски и компјутерски криминал при МВР, поднесе кривична пријава до надлежното обвинителство во Скопје против лицето З.Л. (38) под сомнение за измамување на купувачи по член 248 став 1 од Кривичниот законик, како и кривична пријава против правно лице за истото дело.
Пријавениот З.Л., во својство на сопственик и управител на правното лице, во име на правното лице од фирма од Р. Бугарија набавил повеќе суровини (меѓу кои и „Јачменова трева во прав“) во количина од 30 килограми, иако знаел и бил свесен дека претходно нема извршена анализа на производот и дека не поседува документ како доказ дека производот не содржи глутен над дозволеното за да може да се декларира како производ којшто „не содржи глутен“.
„Тој го препакувал производот „Јачменова трева во прав“ во 240 пакувања од по 125 грама, кои ги декларирал со налепница на која внел невистинит податок дека производот не содржи глутен и го дистрибуирал и пуштил во продажба до повеќе правни лица за малопродажба на територијата на РСМ“,
соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, по извршена анализа и суперанализа, било утврдено присуство на глутен со 20 милиграми на килограм над дозволеното во готовиот производ и дека не може да се декларира како производ кој „не содржи глутен“, бидејќи ознаката „без глутен“ може да биде присутна кај производи доколку содржината на глутен не надминува 20 милиграми на килограм во готовиот производ.
