Трамп соопшти дека од 1 февруари САД ќе воведат царини од 10 проценти за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска
Неприфатливи и погрешни се заканите на американскиот претседател Доналд Трамп кон земјите кои не го поддржуваат неговиот план за Гренланд, реагираат европските лидери по најавата дека САД од 1 февруари ќе воведе царини од 10 проценти за осум европски земји.
Британскиот премиер Кир Стармер го осуди потегот на Трамп и порача дека станува збор за целосно погрешна одлука.
„Нашиот став за Гренланд е многу јасен – тој е дел од Кралството Данска и неговата иднина е прашање за жителите на Гренланд и Данска. Воведувањето царини кон сојузници поради стремежот кон колективната безбедност на НАТО-сојузниците е целосно погрешно. Се разбира, ова прашање директно ќе го покренеме со американската администрација“
порача Стармер.
И францускиот претседател Емануел Макрон порача дека американските закани за воведување царини врз европски држави поради прашањето со Гренланд се неприфатливи. Тој нагласи дека Европејците „ќе одговорат на унифициран и координиран начин“ за да се обезбеди почитување на европскиот суверенитет.
„Никакво заплашување или закани не можат да влијаат врз нас. Заканите со царини се неприфатливи“,
напиша Макрон на платформата Икс.

Како што пренесува Би-Би-Си, и шведскиот премиер Улф Кристерсон ги отфрла заканите на Трамп и во реакција објавена на платформата Икс потенцира дека станува збор за уцена.
„Нема да дозволиме да бидеме уценувани. Само Данска и Гренланд одлучуваат за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд. Секогаш ќе застанам во одбрана на мојата земја и на нашите сојузнички соседи. Ова е прашање на ЕУ кое ги засега многу повеќе земји од оние што сега се издвоени“,
вели Кристерсон.
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Соединетите Американски Држави ќе воведат царини од 10 проценти за осум европски земји кои се спротивставуваат на неговата намера за преземање на контролата врз Гренланд. Во објава на социјалната мрежа Трут соушал, тој соопшти дека мерката стапува во сила од 1 февруари.
Царините ќе се зголемат на 25 проценти од 1 јуни и ќе продолжат да важат се додека не се постигне договор за Гренланд.
Според најавите на Трамп, царините се воведуваат за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска.
