Непознати сторители ја демолирале внатрешноста на препознатливата планинарска кула на Титов Врв во периодот измеѓу 8 и 18 декември, информираа од планиранрскиот клуб „Аргентус Монт”.
Од клубот велат дека иако првично се мислело дека се оштетени само прозорците, по денешниот увид утврдена е целосната штета која е направена во кулата и висината на материјалната штета. На увидот покрај членови на клубот, присуствувал и претставник на Комисијата за планинарски домови при Федерацијата за планинарски спортови.
„Увидот покажа дека е запалена една шпер табла, агрегат за струја од 3 киловати, има искршени стакла и рамки за прозори. Изгорени се материјали и алати, уништени се метална маса и две метални клупи планирани за приземјето во кулата. Запален е агрегатот за струја со 10 литри бензин во него, со што е направена штета од 20 000 денари”,
велат од клубот.
Од клубот информираат дека во вчерашната акција привремено се затворени сите испокрешени 10 прозори со плексан и дрвени даски со што во Кулата нема да навлегува снег во зимскиот период, а целосната санација на објектот ќе се реализира наредната година во организација на Федерацијата за планинарски спортови.