Пратениците се активни и посветени на законодавните процеси, соопштија од оваа институција и посочија дека работата на Собранието и пратениците продолжува во други вообичаени форми, како координација меѓу пратениците и пратеничките групи, ангажирање во подготовка и разгледување на предлог законите и одржување на состаноци на различни нивоа
Собранието и пратениците изминатите две недели работеа и продолжуваат да работат. Откажани се само пленарните седници, комисиите и неколку настани за кои е потребно присуство на медиумите. Ова е денешното појаснување од парламентот поради реакциите во јавноста откако Собранието соопшти дека привремено ги одложува активностите за две недели поради трагедијата во Кочани, во која загинаа 59, а повредени се над 200 лица.
Во соопштението испратено од собраниската прес-служба се вели дека секоја изјава со која се претпоставува оти Собранието и пратениците паузираат во работата е неосновано обвинување кое претставува тенденција за манипулирање со мислењето и нарушувањето на угледот на институцијата и народните избраници.

„Сакаме да појасниме дека одлуката за одложување на активностите на Собранието минатата и оваа недела е донесена консензуално со сите координатори на пратеничките групи на координативна средба, во знак на солидарност по трагедијата во Кочани и за изразување почит кон жртвите“,
се вели во соопштението од Собранието.
Оттаму посочија дека пратениците се активни и посветени на законодавните процеси, како и дека работата на Собранието и пратениците продолжува во други вообичаени форми, како координација меѓу пратениците и пратеничките групи, ангажирање во подготовка и разгледување на предлог законите и одржување на состаноци на различни нивоа.
Од Собранието и вчера посочија дека одлуката за привремено одложување на активностите во парламентот не е резултат на какво било индивидуално или еднострано политичко одлучување, туку одраз на заедничка институционална волја на сите пратенички групи да дејствуваат со чувствителност во момент на национална жалост.