Според Пирц Мусар, процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ треба да продолжи без дополнителни одлагања, затоа што, како што вели, чекањето не е добро ниту за Европската Унија ниту за Северна Македонија

Процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ треба да продолжи без дополнителни одлагања. Неопходно е да се направи уште еден важен чекор, а тоа е да се донесат уставните измени, но и што побргу правниот поредок на Северна Македонија да се приспособи на правниот поредок на ЕУ. Реформите носат промени, но носат и напредок, порача денеска претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар, пред пратениците во Собранието на Северна Македонија во Скопје.
Според Пирц Мусар, чекањето не е добро ниту за Европската Унија ниту за Северна Македонија.
„Европските држави, покажавме единство и солидарност. На Украина ѝ понудивме помош, а поддршка и помош на Украина ѝ понуди и Северна Македонија. Северна Македонија ги поддржа позициите и ставовите на ЕУ. Покажа усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Словенија ја цени македонската поддршка за Украина и украинската нација“,
рече Пирц Мусар.
Како што напомена Пирц Мусар, кога Северна Македонија ќе стане членка, македонскиот јазик ќе биде официјален јазик, а негувањето на македонскиот јазик ќе биде приоритет не само на Северна Македонија, туку и на целата интеграција.
„Северна Македонија е земја чија економија е силно испреплетена со европските земји. Тоа е земја во која младите учествуваат во програми кои поттикнуваат размена со врсници од други земји. Тоа е земја која значително придонесува за обезбедување на стабилноста во регионот. Тоа е земја која може и е способна да се фати за работа тогаш кога е најпотребно. Северна Македонија е членка на НАТО. Таа е одговорен сојузник и истомисленик за многу идни предизвици како глобални така и европски“,
додаде Пирц Мусар.
По влезот во Европската Унија, како што посочи додаде Пирц Мусар, Словенија почна бргу да го намалува јазот зад најразвиените земји. Од 1991 до 2021 година, реалниот бруто национален производ во Словенија се зголемил по жител за 91 процент.
„Притоа, не се плашевме од неизвесност. Поважни беа самодовербата и вербата во визијата, гледавме што е важно долгорочно за Словенија. Така беше и со промената на Уставот. Со промена на членот 68 од Уставот, им овозможивме на странците од сите членки на ЕУ да поседуваат недвижен имот. Тогаш во Словенија се стравуваше дека странците ќе ни го откупат земјиштето, но тоа не се случи. Европската Унија ја почитува разноликоста на јазиците и и на идентитетите“,
рече Пирц Мусар.
Таа потенцираше дека словенечкиот јазик денес е официјален јазик во ЕУ, а словенечкиот идентитет е дел од европскиот идентитет.
„Словенечкиот јазик е официјален јазик во ЕУ, а словенечкиот идентитет е дел од европскиот идентитет, како што и вашиот идентитет е дел од европскиот идентитет. Сите средби во Брисел се толкуваат и на словенечки јазик. Нашите пратеници во Европскиот Парламент во секое време можат да се обратат на своите колеги на словенечки јазик. Истото ќе можат да го сторат и европските парламентарци од Северна Македонија и се разбира претставниците на Владата. Патот до ЕУ е тежок и полн со предизвици. Северна Македонија вложува труд и резултатите се видливи“,
рече Пирц Мусар пред пратениците.
