Високи партиски извори кои учествуваат во преговорите за креирање коалиција на партиите на Албанците, која би била противтежа на ДУИ, неофицијално информираат дека тие се завршени.
Тврдат дека е на чекор обелоденување на предизборна соработка меѓу Алијансата за Албанците и Алтернатива, која треба да се формализира со одлука на раководствата на двете партии.
Во обид за потврда на оваа информација, нашите извори од Алијансата велат дека многу бргу ќе го соопштат својот конечен став, иако не демантираат дека епилогот најверојатно ќе биде таков како што е брифингот на „360 степени“.
„Навистина многу се оддолжи и почнуваме да стануваме здодевни со нашите разговори. Проценката што ја правиме е математичка и нашите очекувања се дека дури и во ваква ситуација, со само две партии во коалицијата, ќе имаме подобар изборен резулtат од ДУИ, која после 20 години на власт мора да замине во опозиција. Просторот за договор за тројна коалиција е сведен на минимум, исцрпени се сите аргументи кои би придонеле за доближување меѓу Беса и Алтернатива. Разликите во нивните позиции и натаму се многу длабоки. Се надевам дека многу бргу, ама овој пат навистина многу бргу, можеби до петок, ќе го затвориме ова поглавје и ќе се посветиме на тоа што ни е целта, победа кај гласачите Албанци и смена на ДУИ“,
вели нашиот извор од Алијансата.
Ниту од Алтернатива не сакаа официјално да потврдат дека одлуката за заеднички настап со Алијансата е донесена. Велат дека начелно постои договор, но тој сè уште не е дефинитивен, со оглед дека конечниот збор на крајот го имаат органите на партијата на Села.
„Ние сме подготвени. Сметаме дека ја имаме формулата за победа. Информацијата дека процесот финишира е точна, но одлуката треба да ја донесе Алијансата. Оттаму сме известени дека ќе ги забрзаат процедурите“,
велат за „360 степени“ од Алтернатива.
Од Беса не сакаат да ги коментираат неофицијалните информации дека се исклучени од партнерството со двете партии. Оттаму велат дека и натаму се преговара, со оглед дека, според нив, само тројна коалиција може да оствари триумф над ДУИ на априлските избори.