Савески на функцијата државен јавен обвинител ќе го наследи Љупчо Коцевски, кој си поднесе оставка на 16 декември лани во очи седницата на која требаше да се расправа за негово разршување на предлог на Владата
Со шеесет и шест гласа „за“, два „против“ и осум „воздржани“, Собранието попладнево го именуваше судијата Ненад Савески за нов државен јавен обвинител.

Гласањето, по кое претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши, го констатира именувањето, дојде по околу двочасовна дебата во која дел од пратениците ги испорачаа своите очекувања од новиот јавен обвинител, но имаа и забелешки за периодот во кој се врши именувањето.
Пратениците од власта и опозицијата разменија критики за тоа кој е одговорен за ниската доверба во правосудниот систем, кој прави обид за партизирање на судиите и обвинителите, се споменуваа последиците од работата на СЈО, „сваровски судството“, како и имињата на поранешните премиери Зоран Заев и Никола Груевски.
Вицепремиерот и министер за транспрот Александар Николоски, кој го образложи предлогот Савески да биде нов државен јавен обвинител, рече дека денешната седница јавноста ја очекувала долг период бидејќи, како што кажа, на Македонија очајно и треба правда, отворање и процесуирање на случаи кои ќе значат подобрување на имиџот на државата и на Јавното обвинителство.
„Имаме човек кој е мотивиран и мислам дека ќе биде прв меѓу оние кои сакаат да испорачаат правда. Се разбира, еден човек не може да направи се сам, затоа е потребен тим и тоа е она што се очекува во јавноста. Се надевам дека ќе има поддршка од целото Јавно обвинителство за да се испорачаат резултати заради подобрување на состојбите“,
рече вицепремиерот.
Со вицепремиерот не се согласи пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, која рече дека биографијата на Савески не може да се игнорира, но, според неа, прашањето не е само кандидатот што се предлага, туку во каков систем се поставува.
Таа изборот на нов државен јавен обвинител го постави низ призма на носењето на новиот закон за јавно обвинителство кој е во собраниска процедура и кој, како што кажа таа, во себе има скриени одредби кои овозможуваат влијание и контрола на власта во работата на Обвинителството.
Тренчевска го повика Савески да го каже својот став во врска со предлог-законот за јавно обвинителство.
„Ако г. Савески сака да биде обвинител на сите граѓани, а не на една власта тогаш мора да се спротивстави на рамките што го прават зависен, затоа што правдата не смее да биде партиска, правдата не смее да биде контролирана. И на крајот прашањето не е дали ќе изберам јавен обвинител туку дали ќе зачуваме држава каде обвинителството му служи на законот, а не на власта“,
рече Тренчевска.
На обраќањето на пратеничката, со реплика реагираше Николоски, кој рече дека да сакале да вршат политичка контрола врз обвинителството, уште од првиот ден кога дошле на власта ќе го сменеле јавниот обвинител. Во таа насока, тој обвини дека обвинителството и судството сè уште се наоѓаат по контрола на СДСМ и на нејзиниот поранешен лидер и експремиер Зоран Заев.

Зборувајќи во тој контекст, Николоски ја спомена и актуелната заменик-генерална секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, но без да ја именува, за која рече дека додека била дел од власта во земјава наложила ВМРО-ДПМНЕ да се затвори како партија, поради тероризам.
„Три илјади луѓе беа под прогон затоа што крајната цел на оваа која што е сега заменик-генерален секретар на НАТО беше да се затвори ВМРО-ДПМНЕ. Со судска одлука требаше да не погласите за терористичка организација и да забраните политичко дејствување на сите што тогаш бевме политичко раководство во рок од две години. Требаше во ВМРО-ДПМНЕ да правите расколи, Сашо Мијалков и цела екипа ги пуштивте за да прават проблеми во партијата, но не успеаја затоа што бевме поцврсти отколку што мислевте. Срамота е ова што го кажувате“,
рече Николоски.
Пратеникот на коалицијата „Европски фронт“, Скендер Реџепи кажа дека во изминатите 30 години Обвинителството со селективност постапувало кон дел од граѓаните, особено кон Албанците. Во тој контекст тој наведе неколку случаи, меѓу кои ги издвои „Монструм“, „Алфа“ и трагедијата во Кочани, кои како што кажа, ќе го стават на тест кај Албанците новиот државен јавен обвинител.
Непосредно пред денешната седница, државната новинска агенција МИА објави изјава од Савески, во која тој вели дека доколку биде именуван сака да гарантира отчетност, транспарентност, дигитализација, како услови за работа за еден обвинител да може да си ја врши својата работа на ефикасен и достоинствен начин.
Според него, најголем проблем во јавнообвинителската работа се токму условите за работа, а не платите, иако, како што вели, акцентот најмногу се става токму на тоа.
„Не може со сиромашна институција да се бори против богати од криминал“,
вели тој.
Сепак, најважно за него е да се дигитализира работата на обвинителите за да може да се следи нивната работа и да нема, како што вели, „фиока стоп-систем“.
„Таа дигитализација можеби би била некоја програма, која би била фиока стоп-систем. Значи, она што најчесто се натура како критика на Обвинителството е тоа дека работи бавно, но и да се видат кои се причините за тоа. Дали тоа е недостиг на стручен кадар, на обвинители, дали недостига и помошен кадар на јавните обвинители“,
вели Савески.
Инаку, Савески на функцијата државен јавен обвинител ќе го наследи Љупчо Коцевски, кој си поднесе оставка на функцијата на 16 декември лани во очи седницата на која требаше да се расправа за негово разрешување на предлог на Владата.
