Според шефот на дипломатијата, одбележувањето на роденденот на Ахмети предизвикало погрешна интерпретација. Тој, сепак, се согласува дека можеби е испратена погрешна порака со фотографијата што тој ја објави, па ја тргна од Фејсбук
Немаше ниту роденденска прослава, ниту партизација на државна институција, ниту прекршување на здравствените протоколи… Ова го изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој вчера ја објави, па ја тргна од Фејсбук фотографијата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и други партиски функционери кои не одржуваат дистанца и не носат маски, додека седат на иста маса во новите простории на Министерството за политички систем.
Според Османи, одбележувањето на роденденот на лидерот на ДУИ предизвикало погрешна интерпретација. Тој, сепак, се согласува дека можеби е испратена погрешна порака со фотографијата без маски, иако, како што вели, присутните цело време носеле маски, кои ги тргнале само за да се фотографираат, како што тврди и првиот вицепремиер Арбен Груби.
„Во тој дел апсолутно нема кршење на протоколите. Можеби грешката е во пораката што се испраќа во моментот кога се фотографиравме без маска, но не станува збор за одржување церемонија без маски. Да, тука прифаќам една грешка, независно што сме без маска во мигот на сликањето, така што не станува збор за одржување на некаква церемонија без маски. Сепак, се согласувам дека не треба да се пуштаат слики без маска. Треба да ги погледнете и другите фотографии за да видите дека тоа е миг на изненадување и жал ми е што тоа стана причина за вакви чувства и нервози кај граѓаните. Мислам дека не треба да се повтори“,
рече Османи.