Адвокатите на дел од обвинетите во денешното продолжение за пожарот во т.н. кабаре рекоа дека овластен градежен инспектор може да контролира само кога има пренамена од деловен во станбен простор и обратно

Обвинетите во „Пулс“, Огњен Ѓеорѓиев, Љупчо Стаменков и Љупчо Гоцев како овластени општински градежни инспектори во Кочани не можеле да вршат контроли во „Пулс“, бидејќи за тоа никогаш не добиле налог од општината, како и поради законските ограничувања во дело на нивните овластувања, рекоа нивните адвокати во денешното продолжение за пожарот во т.н. кабаре.
Бранителот на Ѓеорѓиев, адвокатот Зоран Зафировски рече дека одбраната во четири точки ќе докаже дека делата што му се ставаат на товар на неговиот клиент се неосновани.
„Првиот факт е дека за ваквото крвично дело (тешки дела против општата сигурност) не може да се докажува вина за непостапување со умисла туку само за небрежност бидејќи обвинетиот не можел да предвиди дека ќе се случи таква трагедија поради непостапување”,
рече адвокатот.
Рече дека делото за кое е обвинет неговиот клиент во случајот е застарено.
Дополнително тој кажа дека ќе докажат оти без издаден налог од надлежен орган, во случајот Општина Кочани, тој не можел да изврши вонреден надзор во објектот. Таков налог од надлежните од отворањето на објектот до критичната вечер не бил издаден.
„Обвинетиот Огњен немал никаква прочина да постапува по законот за градење бидејќи во дискотеката немало пренамена од деловен во станбен простор туку само од деловен во деловен простор“,
рече адвокатот во воведните зборови.
Во објектот немало реконструкција или било каква градежна активност за да може да постапува инспекторот. Имало, како што кажа адвокатот, само декоративно уредување што сопственикот самиот си ги правел без да пријави.
Четвртиот момент, рече адвокатот, е што обвинетиот не бил надлежен од областа на заштита и безбедност на објектот.
Ѓеорѓиев пред судот рече дека се согласува со изнесеното од својот адвокат.
Како дополнување кажа дека само бара од Јавното обвинителство да му го врати мобилниот телефон бидејќи нема друг.
„Во него нема никакви доказни материјали, затоа што не сум имал никакви контакти со обвинетите. Тоа што го одземаа го одземаа и сега сакам да ми го вратат“,
рече тој.
Во речиси идентична насока одеа и воведните зборови на одбраната на обвинетиот Љупчо Стаменков. Неговиот бранител, Јован Танчев, меѓу другото, рече дека градежното вештачење што ќе го претстават како доказ ќе покаже кои надлежности ги има еден градежен инспектор, односно дека не може да утврдува намена на објект.
Рече дека неговиот клиент во Кочани работел од февруари 2024 година. За тој период во општината имало само двајца градежни инспектори, од кои едниот бил на боледување подолг период.
Дополнително Стаменков морал да ја покрива и Општина Виница врз основа на претходен договор меѓу општините.
И тој наведе дека овластен градежен инспектор може да контролира само кога има пренамена од деловен во станбен простор и обратно.
Гражениот инспектор Љупчо Гоцев, чиј адвокат е исто такан Зоран Зафировски, во дополнение на воведните говор рече дека по пожарот помагал и цел ден останал со луѓето во болница.
Оттаму, како што кажа, бил повикан од обвинителството да изврши увид.
„Тогаш не ме третитаа како некој што згрешил нешто. Денес сум обвинет за нешто што не сум го сторил и за нешто што не е во моја надлежност. Немаше сомневање или законска основа да влезам. Не можам да влезам без пријава, без сомневање и без писмен налог или допрен глас. Во сите овие години за тој објект немало поднесено пријава или известување од полицијата или другите институции за овој објект“,
рече Гоцев, додавајќи оти е жртва на институционалната затаеност.
Инаку, денеска продолжи судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани со воведни зборови на дел од обвинетите. Пред почетокот на судењето родителите и блиските на загинатите во пожарот дојдоа со транспарент со ликовите на нивните најбиски кои настраа во трагедијата.
Адвокатот Насер Рауфи, кој го брани обвинетиот Џеваир Камбери, денеска рече дека мобилните телефони и лаптопот за кој на минатото рочиште за случајот „Пулс” беше соопштено дека биле најдени во ќелијата на Камбери во затворот во Шутка, не се негови и оти вистинскиот сопственик бил „детектиран”, односно самиот се пријавил.
